Судот на правдата на ЕУ ја прогласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за одговорна за прикривање информации за договорите за набавка на вакцини против Ковид 19 во периодот 2021-2023 година. Судот одлучуваше дали Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност со тоа што одби да ја објави содржината на телефонската кореспонденција на Фон дер Лајен со извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурл, кога се преговараше за договор од повеќе милијарди евра за вакцина против Ковид.
Суштината на прашањето беше дали СМС-пораките треба да се класифицираат како документи и затоа се подобни за објавување во име на транспарентност. Многу активисти постојано укажуваат дека треба да се третираат како и секое друго средство за официјална комуникација кога станува збор за креирање политики. Комисијата мислеше поинаку.
Случајот е правно комплициран за Фон дер Лајен бидејќи таа не само што лично го потпиша најголемиот договор за вакцини во блокот, вреден милијарди евра, туку и претседава со институцијата задолжена за спроведување на правото на ЕУ, кое вклучува принципи на транспарентност и одговорност. „Оваа судска одлука би можела да означи пресвртница за транспарентноста во ЕУ. Кога станува збор за клучните одлуки, особено оние што го засегаат јавното здравје, тајноста треба да се избегнува“, рече Шари Хиндс од невладината организација „Транспаренси интернешнал“. Случајот „Фајзергејт“ го покрена весникот „Њу Јорк Тајмс“ и поранешниот шеф на бриселското биро на таа медиумска компанија. Тие поднесоа тужба против одлуката на Комисијата да не ги објавува СМС пораките во 2022 година. Постоењето на пораките беше откриено во интервју за Њујорк Тајмс во април 2021 година.