Со 40 гласа „За“, 10 против и 10 воздржани утрово Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент го усвои Извештајот за Македонија за 2023 и 2024 година, подготвен од известувачот за земјава Томас Вајц.Вајц изрази задоволство, бидејќи извештајот е изгласан со широко политичко мнозинство.
„Денеска го усвоивме првиот извештај за земјата на Северна Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување – вели Вајц во изјавата што до медиумите ја достави прес-службата на Европскиот парламент.
Пратеничката група на Европската народна партија претходно поднесе амандман по скратена постапка за вметнување на зборот „современ“ пред македонски јазик и идентитет во Извештајот, но согласно Деловникот за работа, тој не беше ставен на гласање затоа што против таквиот предлог се изјаснија најмалку шест пратеници членови на АФЕТ. Деловникот предвидува дека предложен амандман нема да биде ставен на гласање, доколку против предлогот се изјаснат најмалку петмина европратеници.
Пред гласањето за усвојување на Извештајот, членовите на АФЕТ одбија неколку амандмани на текстот на документот предложени од бугарски европратеници.
На почетокот на седницата, претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер ги осуди обвинувањата упатени изминативе недели на сметка на Вајц околу начинот на подготовката на Извештајот, посочувајќи дека практика е известувачот да биде во контакт со претставници на земјата за која се однесува документот што го подготвува.
Извештајот сега треба да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент, а следното пленарно заседание на ЕП е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.
По гласањето, бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложи додавање на „мислење на малцинството“.
Документот требаше да биде гласан на 4 јуни но гласањето беше одложено за денеска на предлог на известувачот Томас Вајц, со цел, како што рече тој, да им овозможи на европратениците да ги ажурираат своите регистри на лобисти.
Вајц во образложението на предлогот за одлагање на гласањето нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, рече тогаш Вајц.На усвојувањето на извештајот во неговата предложена форма најмногу се противат бугарските европратеници, кои имаат забелешки на формулациите за признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет. (Слободен печат)