Амбасадорите на 27-те земји од ЕУ денеска го усвоија новиот, 16-ти пакет санкции против Русија, кој, меѓу другото, вклучува забрана за увоз на руски алуминиум во Унијата, но не и забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ), објавија дипломати во Брисел. Новите санкции, кои официјално ќе бидат усвоени од министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник, вклучуваат и дополнителни мерки за ограничување на извозот на руска нафта, соопштија дипломатски извори, пренесе Радио Франс Интернационал (РФИ). Последниот сет на санкции се однесува и на извозот на хемикалии, хром и други производи што се користат за изработка на прецизни машини, како и забрана за сервисирање на рафинерии за нафта и гас, изјавија двајца дипломати од ЕУ кои не сакаа да бидат именувани затоа што зборувале за темата на состанокот што бил затворен за јавноста, пишува Политико. Новите санкции, исто така, ја прошируваат црната листа против танкери кои припаѓаат на руската „флота во сенка“, која Кремљ ја користи за да ги заобиколи западните ограничувања во трговијата со нафта.

И покрај загриженоста на Грција, земјите од ЕУ се согласија да го прекинат увозот на руски примарен алуминиум. Увозот на оваа суривина ќе биде дозволен извесно време пред да стапи на сила целосната забрана. Забележливо е дека новата серија на санкции не вклучуваше целосна забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ), наведува Политико. Група земји инсистираа да се забрани увозот на овој извор на енергија, но прашањето сега е во застој бидејќи е вклучено во трговските преговори кои штотуку започнаа со администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, па Брисел ја одложи забраната за увоз на руски ЛНГ додека не се постигне потенцијален договор за купување на американски течен гас. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро вчера во Брисел ја најави овва нова серија санкции против Русија, која треба официјално да биде усвоена на 24 февруари, на следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, датум што ја одбележува третата годишнина од руската инвазија на Украина.