Српскиот претседател рече дека EXPO во Белград ќе се одржи под мотото „Танц и музика“ и нагласи дека Србија има амбиции ова да биде најголемиот настан во светот за 2027 година.
Повеќекратниот олимписки шампион и светска атлетска легенда, Јамајканецот Усеин Болт, ќе биде амбасадор на специјализираната меѓународна изложба EXPO 2027, која ќе се одржи во Белград. Веста денеска ја соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ, кој најави глобален настан од невиден размер.
– EXPO ќе има неколку амбасадори на брендот, но еден од нив ќе биде најбрзиот човек во историјата – Јусеин Болт – изјави Вучиќ пред новинарите во Палатата на Србија, пренесе агенцијата Бета.
Тој додаде дека EXPO во Белград ќе се одржи под мотото „Танц и музика“ и нагласи дека Србија има амбиции ова да биде најголемиот настан во светот за 2027 година.
– Сакаме EXPO да биде најголемиот настан на планетата. Досега 115 земји го потврдија своето учество. Очекуваме тој број да се искачи на најмалку 135, што ќе го надмине и рекордот на изложбата во Астана, каде учествуваа 117 земји – изјави Вучиќ.Тој посочи дека Србија ќе ангажира и други светски познати личности како амбасадори – актери, фудбалери и јавни личности од светски калибар – но никој не е, како што рече, „апсолутно непобедлив како Јусеин Болт“.
Самиот Болт, на првата своја посета на Србија, истакна дека му е голема чест што е дел од проектот и што ќе може да придонесе за глобалната промоција на настанот.
– Голема ми е честа што сум тука за првпат и што ќе имам можност да го претставам EXPO пред целиот свет. Со претседателот разговаравме за плановите за развој на Србија и за тоа како може да се прошири целиот концепт. Среќен сум што ќе им ги покажам убавините на Србија на што повеќе луѓе – рече Болт, додавајќи дека EXPO е одлична шанса за развој на секоја земја.
Хонорарот на најбрзиот човек не е шега
Иако настанот беше симболичен и свечен, медиумите не го пропуштија прашањето – колку чини присуството на Усеин Болт?
Според информациите на Нова,рс, Болт не се појавува на јавни настани за помалку од 200.000 долари. Тој наплаќа меѓу 100 и 200 илјади долари само за виртуелна работилница, а за настани во живо како овој – цената варира од 200.000 до дури 750.000 евра, во зависност од природата на ангажманот и времето на подготовка.
Со оглед на тоа, проценките се дека Белград можеби платил околу половина милион долари за Болт да се појави, да одржи краток говор и да направи неколку фотографии, што не е невообичаено кога станува збор за глобални спортски ѕвезди од негов калибар.