Судијката Елизабета Дуковска, чиј избор за уставен судија неодамна беше поништен од Управниот суд, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека на 5 јуни годинава веќе е вратена на старото работно место како апелациски судија. Претходно добила известување од претседателот на Уставниот суд дека е одјавена во Агенцијата за вработување.Таа смета дека претседателот на Уставниот суд немал никаква надлежност да постапи на овој начин и да ја одјави.
„Тоа е како да одјавувате сезонска работничка која е вработена преку агенција за привремени вработувања, па заврши потребата од берење плодови по нивите и сега те одјавувам. Јас така мислам, така се чувствувам“, рече Дуковска.Таа вели дека на секоја пресуда, која станува извршен наслов, треба да стои печат на правосилност и на извршност.
– Во пресудата никаде како странка не се спомнува Уставниот суд и задолжение за Уставниот суд, односно за претседателот на Уставниот суд, да не се разбереме погрешно, бидејќи тука не се опфатени судиите на Уставниот суд, кои очигледно немаат донесено одлука за мое разрешување. Во пресудата нема ниту едно задолжение кој јавен орган, бидејќи предмет на извршување, да се разбереме, е изреката на пресудата, не е образложението, значи во изреката на пресудата не е содржано, освен тоа што се поништува, кој јавен орган што треба да направи, односно во законот пишува наредба треба да содржи и во кој рок, открива Дуковска.