Уставниот суд нема да ја коментира пресудата на Управниот суд за поништување на изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска, но истакнува дека постапувањето на Судскиот совет, Собранието и управните судови довело до создавање правен преседан со кој досега ниту еден состав на Судот не се соочил. Оттаму велат дека нема да ги преиспитуваат по службена должност одлуките во кои учествувал судијата опфатен со пресудата. Овој преседан, според Судот, има значајни правни импликации врз неговото понатамошно постапување.
– Уставниот суд денеска го прими дописот од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 од 15.05.2025 година на Управниот суд на Република Северна Македонија. Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд. Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности, стои во соопштението од Уставен.