Поради пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за избор на еден од уставните судии, Уставниот суд одлучи да ја одложи подготвителната седница за предметот за Законот за употреба на јазиците, закажана за 19 јуни. Судот предупредува дека настаната е правна состојба без преседан со сериозни импликации врз неговото натамошно постапување. Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска официјално потврди дека го примил дописот од претседателот на Собранието, со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 на Управниот суд од 15 мај 2025 година. Пресудата се однесува на поништување на одлука за избор на уставен судија.
„Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд“, се наведува во официјалното соопштение, но се додава дека постапувањето на вклучените институции: Судскиот совет, Собранието и управните судови довело до правен преседан со кој досега не се соочил ниту еден состав на Судот. Имајќи го предвид ваквиот развој, на денешниот работен состанок Уставниот суд одлучи да ја одложи подготвителната седница за предметот поврзан со Законот за употреба на јазиците. Причината е тоа што судијата на кој се однесува поништената одлука бил назначен за судија-известител на овој предмет. Дополнително, според донесен заклучок, по предметот треба да се постапува во полн состав на Судот. Судот исто така укажува дека, согласно член 112 став 2 од Уставот, неговите одлуки се конечни и извршни, и нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во кои учествувал судијата на кој се однесува Пресудата на Управниот суд. Извор: Новинска агенција МЕТА