Најавата за утрешниот граѓански бојкот на маркетите ги натера менаџерите на ланците супермаркети нудат акции со кои „значително“ ќе се намалат цените на најосновните производи, а дел од нив решија да прават попис додека трае бојкотот. Еден од најизвиканите супермаркети „Тинекс“ прво ги извести своите членови дека најдоцна до утре, 31 јануари кога ќе има бојкот, можат да ги искористат неискористените поени собрани во 2024 година на своите поен-картички. Во спротивно, поените ќе бидат избришани. Потоа објави на социјалните мрежи дека „значително“ ќе се намалат цените и тоа баш на најпотребните производи, а високите цени ги одбрани со фактот што најголем дел од производите се увезуваат и крајната цена зависи од увозните цени. Такви се примерите со кафето и какаото кои на светските берзи бележат раст до 30%. „Направените анализи во последните четири месеци од 2024 година покажуваат зголемување од 9% на просечните набавни цени во однос на истиот период во 2023 година. И покрај сето ова, Тинекс секогаш има слух за потребите на потрошувачите и успеваме да понудиме производи со прифатливи цени.
Дополнително, како резултат на одличната соработка со банките, при пазарувањето во Тинекс купувачите имаат можност да плаќаат на рати без камата, што е дополнително олеснување на месечниот буџет“, објави „Тинекс“. Дел од маркетите, неофицијално, ќе прават годишен попис и на тој начин ќе ги бојкотираат потрошувачите. По повиците на социјалните мрежи граѓаните во петок да не пазаруваат во маркетите поради високите цени како што тоа се случи во Хрватска, а такви акции се најавени и во Босна и Херцеговина и Црна Гора, надлежните институции најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен. Премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард. Ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот.
– Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените, наведе Мицкоски. По информациите од медиумите изнесени на прес-конференцијата во Владата во вторникот дека има трговски ланци кои не ги почитуваат одредбите од Законот за нефер трговски практики, премиерот најави контроли во тие трговски ланци. – Според информациите со кои располагаме, имаме отприлика околу 20 000 коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе за да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе подлежат на ваков тип контроли зашто стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме се како Влада за да го заштитиме, изјави вчера Мицкоски. И министерот за економија и труд Бесар Дурмиши застана со поддршка на иницијативата за бојкот посочувајќи дека тоа е граѓанско право на потрошувачите и дека тие имаат право сами да одлучуваат како и каде ќе ги трошат парите.
Поддршка за бојкотот дадоа и двете најголеми македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и Партијата на пензионери и Организацијата на потрошувачи. Професорот Трајко Славески кој е дел од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „ТВ24“ рече дека најавениот бојкот на маркетите во петок нема да го даде посакуваниот ефект. Според него решението за ваквите проблеми треба да го најде пазарот, бидејќи тој е единствениот кој може да ги креира цените на производите. „Ова е само фолклор и нема да има никаков ефект, она што нема да го купите во петок ќе го купите за време на викенд затоа што не можете да се лишите од потребите, така да најдобро е како што сите сме правеле да се истражува по маркетите и да се добиваат пониски цени за вашите производи“, рече Славески.