Од повредените во пожарот во кочанската дискотека уште 12 се на болничко лекување дома и во странство, од кои еден е сѐ уште во тешка состојба, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски, на денешната трибина во Владата, „Кочани е наш приоритет“.
„Состојбата со повредените во трагичниот пожар во Кочани постојано се следи, има напредок во нивното лекување што се спроведува во домашните болници, а државата има капацитети да одговори на потребите за понатамошен третман“ рече Клековски. Според официјалните податоци, од 200 повредени, 187 биле регистрирани на болничко лекување, од кои 116 во странство, а 71 во Македонија. Од петмината останати на лекување во Македонија, тројца се на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, тоа се пациенти кои се вратени од странство, и двајца се во „Аџибадем Систина“.