За само три дена инспекторите од Општина Струмица направиле вонредни контроли кај шест фабрики и констатирале дека сите загадуваат. Дел ќе добијат парични казни, а дел решенија за вградување филтри. Градот зимава се соочува со екстремни загадувања на воздухот, а изминатиот викенд жителите организираа голем протест со кој уште еднаш побараа од надлежните да преземат мерки за намалување на аерозагадувањето. Како што информираат од Министерството за животна средина, неколку општини, Охрид, Битола, Штип, Тетово, Прилеп, Гази Баба, Кисела Вода, Струмица и Крушево, согласно со обврските од Акцискиот план со краткорочни мерки за чист воздух доставиле извештаи за контролите кои биле направени на крајот на минатиот и почетокот на овој месец. Во Струмица, како еден од најзагадените градови во земјата, во периодот биле направени вонредни инспекциски надзори на пет инсталации и две градилишта како и шест вонредни инспекциски надзори од кои четири кај фабрики за мебел, еден кај фабрика за амбалажа од пластика и еден кај фабрика за метални конструкции.
„Кај сите шест се констатирани се неправилности и тоа кај два правни субјекти ќе биде поведена прекршочна постапка согласно Законот за управување со отпадот со издавање на прекршочен платен налог со казна во висина од 9000 евра за правниот субјект и 500 евра за управителот на правниот субјект на надзор, за три правни субјекти ќе се донесе решение за изработка на Елаборат за животна средина и за вградување на филтер со кој ќе се намали, спречи и контролира негативното влијание врз квалитетот на амбиентниот воздух, а за еден правен субјект ќе се донесе решение да се изработи Елаборат за животна средина“, информираат од Министерството.
Во Битола инспекторите во втората половина на јануари извршиле контроли во три инсталации со Б дозволи, и ги задолжиле да ги сведат емисиите во воздух во законски дозволените граници, а во моментот се чекаат резултатите од новите мерења. Во скопска Гази Баба инспекторите посетиле два автомеханичарски сервиси за кои констатирале дека не согоруваат отпад, но затоа биле откриени и опоменати домаќинствата што се загреваат со дрвен отпад, иверки, отпадни даски и слично и со тоа го загадуваат воздухот. Направени се и надзори кај десет фирми кои како отпад добиваат отпадно моторно масло, отпадни гуми и друго и изречени се две казни за горење на отворено. Спроведени биле и десет инспекциски надзори на активни градилишта и стоваришта и наложено е миење на гумите на камионите.