Источна Македонија има три рударски компании кои располагаат со пет рудници. „Саса“ е прва според приход и профит во апсолутни износи, „Бул Мак 2016“ од Пробиштип има најмногу вработени (804), радовишките рудници заедно имаат поголем приход од „Саса“, а најпрофитабилна рударска компанија е прилепскиот Мермерен комбинат. Нејзината добивка е 47 отсто од приходот лани
Четири мали градови во Источна Македонија и лани создадоа пристојни профити за нивните странски газди. Да, како што претпоставувате, се работи за најголемите македонски рударски компании. Една од Македонска Каменица, една од Пробиштип со два рудници и две компании од Радовиш.
И лани, како и во претходните години, „Саса“ е најбогатата и најголема компанија во македонското рударство. Нејзиниот приход од продажба на олово-цинков концентрат изнесува 92,2 милиони евра. Од тоа како профит на компанијата и останале 13,9 милиони евра. „Саса“ лани вработувала 779 лица и е најголем работодавач во каменичко-пијанечкиот регион на крајниот исток на Македонија.
Македонска Каменица има околу 6.500 жители според последниот попис во 2021 година. Повеќе од 30 отсто од работоспособното население кое живее во тој регион директно или индиректно егзистира од Рудници „Саса“. Но, и покрај тоа Македонска Каменица не е омилено место за живеење, дури и напротив. Стапката на иселување е висока иако рудникот плаќа редовно и пристојно…Втор на рударската ранг листа според приходи е најмладиот македонски рудник, кој е во експанзија, а тоа е рудникот за бакарна руда „Боров дол“ од Радовиш. Оваа компанија е наследникот на „Бучим“, која со десетлетија наназад е најголемата радовишка компанија.
„Боров дол“ е всушност новиот коп за бакар на компанијата што години наназад го експлоатира националното рудно богатство – бакарот во тој македонски регион. Приходот на „Боров дол“ лани надминаа 67 милиони евра, а неговата добивка надмина 13 милиони евра. Споредбата со „Саса“ покажува дека „Боров дол“ е најпрофитабилна рударска компанија во Источна Македонија.
Неговата профитна маргина е 19,5 отсто, а таа на „Саса“ изнесува 15 отсто.„Бучим“ се повеќе паѓа во сенка на помалиот, но веќе посилен брат „Боров дол“. Лани направил приход од 35 милиони евра, а добивката изнесува 5 милиони евра.Двата радовишки рудници лани заедно вработувале над 650 лица. Од нивните приходи во економијата на градот Радовиш влегле повеќе од 100 милиони евра.
Највисока профитабилност на најмал приход во големата рударска петорка покажува најголемиот македонски рудник за мермер – прилепскиот Мермерен комбинат. Ова друштво лани имало стапка на профитабилност од 47 отсто колку што од неговите приходи останале како добивка.