Штип може да се пофали дека најголемата компанија со седиште во најголемиот град на македонскиот исток е домашно поседувана. И не само тоа. Основана е локално, домашен гринфилд и понатаму расте. Во штипската економија значајно место имаат странските гринфилд инвестиции, но и други домашни реномирани и етаблирани компании.
Штип е најголемиот град во Источна Македонија. Градот под Исарот, ридот што го дели градот и славното Ново Село, бил и е политички, економски, културен, музички и спортски, образовен и здравен центар на целиот македонски исток. Штип има универзитет, клинички центар, еден од најпознатите музички фестивали, го има најслушаното национално радио. Штип е и гурмански центар зашто цела Македонија, но и регионот ја знаат, признаваат и конзумираат штипската пастрмајлија. Штип секогаш бил источниот светилник за македонската национална борба за независност. Особено од времето кога во него учителствувал Гоце Делчев, најголемиот наш револуционер, а во него се родени и делувале и најголемиот војвода на организацијата, контроверзниот Тодор Александров и „гуруто“ на балканскиот тероризам и веројатно најконтроверзниот роден Македонец со бугарска самосвест – Ванчо Михајлов. Штип е горд како град во кој е роден еден од најголемите македонски поети Ацо Шопов.
Кои се најголемите штипски компании?
По „Актива“ најголема штипска домашно и локално поседувана компанија е „Оаза Екстра – Скопско“ која интегрира производство, дистрибуција и трговија, угостителство.
Во најголемите пет штипски компании според приход се уште странскиот гринфилид „Техникал Текстајлс“ кој е специјализиран за примена на фиберглас во авионска, градежна и автомобилска индустрија и веројатно најголемата компанија за логистика на македонскиот исток – Квенбергер. Во најголемите десет штипски компании лани покрај етаблираните „Телекабел“, кондиторската индустрија „Стел Импекс“, „Мегапласт“ – специјалистите за сите комбинации стакло со ПВЦ и алуминиум и глобално популарните „Мејер и Мејер“ вреди да се напомене и локалната иноваторска фирма КТМ Енерџи солушнс специјализирана за проектирање и инсталација на централи за производство на струја од обновливи извори.
Р.Ф.