Преку Комисијата за заштита на конкуренцијата секогаш се дознаваат интересни бизнис информации, за зделки кои ќе се случат меѓу интересни бизнис играчи, а причината е што Комисијата мора да ги објави информациите за можна концентрација, за било кои компании кои имаат свои допирни точки со бизнисот во Македонија.
Од веб страницата на оваа наша институција дознаваме дека косовската компанија Вива Фреш, која во Македонија стана газда на маркетите Кит-го, но и на македонсмкиот дел од Студио Модерна, ќе ја купува компанијата СПАР Албанија, чиј сопственик, пак, е компанијата Балфин, која исто така има свои инвестиции во Македонија.
Да видиме за што известува Комисијата за заштита на конкуренцијата.Пред десетина дена до КЗК стигнало известување за можна концентрација, со која, како што се наведува во објавата, Вива Фреш Ш.П.К. од Косово, со регистрирано седиште во Суходол, Грачаница, Косово, ќе стекне контрола над друштвото за трговија СПАР АЛБАНИЈА ШПК, со регистрирана адреса на Национален пат Тирана – Елбасан, зграда „Брунес Спејс“, спроти влезот Виоле на трговскиот центар ТЕГ, Тирана, Албанија.
За Вива Фреш Ш.П.К. од Косово Комисијата навела дека е друштво кое се занимава со продажба на мало на стоки во неспецијализирани продавници-супермаркети каде преовладуваат храна, пијалоци и тутун. Вива Фреш Ш.П.К. од Косово ги има следните поврзани друштва на пазарот во земјава.Прво, друштвото за производство, трговија и услуги ВИВА ФРЕШ СТОРЕ ДООЕЛ Скопје, со регистрирано седиште на Македонско Косовска бригада во скопски Бутел, со приоритетна дејност-трговија на мало во неспијализирани продавници, претежно храна, пијалоци и тутун.
Второ, друштво за трговија КИТ-ГО ДООЕЛ Штип, Македонија, кое е друштво со предмет на работење-друга трговија на мало во неспецијализирани продавници. Самото КИТ-ГО ДООЕЛ Штип, пак, има поврзани друштва на пазарот во земјава и тоа друштвото за трговија, угостителство и услуги ТАЛФА ДООЕЛ ШТИП со регистрирано седиште во Штип и со приоритетна дејност-издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп (лизинг), како и друштвото за трговија и услуги ТДЕЛТА-ИНГ 2017 ДООЕЛ, исто така од Штип,и со истата дејност.
А, она што не е наведено од Комисијата, е дека Балфин е сопственик на големиот шопинг мол во земјава Skopje East Gate, што е најголемата приватна инвестиција од ваков тип во земјата, со вкупна вредност од околу 350 милиони евра.Тој проектот ги вклучува East Gate Mall – најголемиот трговски центар во земјава, отворен во октомври 2021 година, резиденцијални згради со над 600 станови, како и деловен парк со модерни канцеларии. Проектот се реализира преку компанијата Skopje East Gate, каде што Балфин е мнозински сопственик.
„Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана. Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата“, вели Комисијата за заштита на конкуренцијата.
А, како што веќе има објавено Фактор во мај, 2023 година, штипскиот бизнисмен Кирил Гогов повеќе не е сопственик на синџирот маркети Кит-Го, откако официјално заврши превземањето од страна на косовската компанија Вива Фреш. Се верува дека за тоа биле платени околу 60-тина милиони евра. Процесот на купување траеше повеќе од една година.
Кит-Го редовно е меѓу првите синџири маркети со најголеми приходи во Македонија и во изминатите години редовно бележи обрт од околу 60 милиони евра. КИТ-ГО Штип во Македонија има 58 маркети од кои 5 се лоцирани во Скопје.Инаку, косовската компанија веќе поседува два маркети, едниот во Бутел, кој го отвори неодамна, и едниот во Топанско поле. Првиот е во новозиградената зграда на местото на старото Кино – Бутел, а, Вива фреш веќе има во Топаанско поле.
Објавено во: Економија28 Мај, 2025 08:20 ФАКТОР.МК