По повод изнесените наводи од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата, со кои нашата компанија се доведува во контекст на т.н. „усогласено дејствување“ при јавна набавка, ФАРМА ТРЕЈД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје најодговорно ги демантира и ги отфрла ваквите обвинувања како неосновани, правно и фактолошки непрецизни и крајно штетни за угледот и деловното функционирање на нашата компанија.
ФАРМА ТРЕЈД е една од ретките домашни фармацевтски компании со речиси три децении активна, стабилна и доверлива работа, која претставува столб на континуирано снабдување со лекови и медицински производи за македонскиот здравствен систем. Нашата дејност е особено значајна за обезбедување терапија за илјадници пациенти низ земјата, вклучително и за најранливите категории – хронично болни, деца и пациенти со ретки болести.
Цените што се понудуваат во рамки на јавните набавки не се слободна комерцијална одлука, туку се строго регулирани и однапред утврдени од страна на надлежните институции – вклучително и Министерството за здравство. Со тоа, секоја инсинуација дека компаниите можат меѓусебно да договараат цени е неоснована и штетна за јавниот интерес.
Дополнително, јавната набавка што е предмет на постапката беше спроведена под целосен надзор на државните институции, со електронски систем и пропишани критериуми.
Обвинувањата за усогласено дејствување немаат реална поддршка ниту во фактите, ниту во пазарната логика, ниту пак во правниот систем кој претпоставува невиност сѐ додека не се докаже спротивното со јасни, недвосмислени и издржани докази – што, во конкретниот случај, целосно изостана.
Сметаме дека ваквиот пристап, без целосно испитана фактичка состојба, претставува несоодветен и правно вознемирувачки третман кон субјект кој 30 години придонесува кон економскиот развој на државата, го полни буџетот и обезбедува стабилност во јавното здравство.
Во период кога македонските пациенти се соочуваат со сериозни предизвици во пристапот до квалитетна терапија, ФАРМА ТРЕЈД останува посветен партнер на државата, на медицинската заедница и на граѓаните. Со постојана поддршка на јавните институции, едукација на медицински кадар и инвестирање во достапност на нови и современи терапии, ние не сме само економски субјект – туку општествено одговорен двигател на системот што се грижи за животот.
Нашиот правен тим ќе ги преземе сите расположливи вонредни правни механизми, како на национално, така и на меѓународно ниво, со цел да се заштитат правата, достоинството и професионалниот интегритет на компанијата. Воедно, ќе ги известиме и сите соодветни дипломатски и економски претставништва во земјава за штетните последици што ги предизвикуваат ваквите постапки врз правната сигурност, довербата на инвеститорите и општото деловно опкружување.
Веруваме дека граѓаните, институциите и јавноста имаат право да ја чујат вистината, и дека нашето општество заслужува фер, транспарентен и праведен систем во кој се наградува квалитетот и се почитува законот – а не се дискредитираат оние што со години градат, создаваат и носат одговорност.