„Уметноста има став“, изминатиов викенд во Струга собра 80 средношколци од целата држава кои преку музика, литература, политика, илустрација и графити го изразија својот став на различни општествени теми. Настанот беше во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје, a во соработка со Центарот за едукација и уметност „Хана“. Под менторство на еминентни професионалци во својата струка – проф. Емилија Ристановска, проф. д-р Ненад Марковиќ, актерот Никола Ристановски, музичарката Сара Ташкоска, поетот Дарко Лешоски, илустраторката Калиопи Трпчева и графити уметникот Драган Китановски – Драш, младите три дена развиваа свои дела кои ги претставија на завршниот настан.
Во неделата, младите го искажаа својот став преку музички перформанси, поезија, политички говор, изложба на илустрации и графити. Завршниот настан имаше хуманитарен карактер, кадешто сите илустрации од изложбата беа понудени на продажба, а собраните средства ќе бидат донирани за настраданите во Кочани. Уметноста покрај тоа што има став, исто така уметноста има и срце, преку чин на солидарност и емпатија. Преку програмата „Уметноста има став“, средношколците не само што добија вештини, тие добија и простор да се изразат, да се слушнат и да остават трага. Гласот на младите има вредност, а преку уметноста ќе покажеме дека можеме да влијаееме и да креираме промена, затоа што имаме генерации кои размислуваат критички, делуваат храбро и создаваат со срце.