Вицепремиерот Арбен Фетаи вечерва во гостување на телевизијата „21“ изјави дека Алијансата за Албанците сѐ уште е дел од Владата, бидејќи, како што рече, од вкупно 50 државни функционери именувани на позиции од редовите на партијата, само тројца досега поднеле оставка.
„Учеството на АА во Владата го сочинуваат околу 50 државни функционери кои се именувани на одредени позиции – најмалку 50, можеби и повеќе. Но, најмалку 50 има, и од нив, според она што јас го знам, само 3-тројца досега поднесоа оставка. Тие тројца јавно излегоа, за другите не ми е познато дека некој се повлекол од Владата. Знам дека сите останати продолжуваат да одат на своите работни места“, рече Фетаи. Освен лидерот на едно крило на Алијанса за Албанците и довчерашен министер за здравство, денеска и двајца заменици-министри од редовите на партијата, Фљакрон Беџети од Земјоделие и Елфете Исмаили од Одбрана, објавија дека се повлекуваат и дека преминуваат во опозиција.