Во врска со објавата на Јавното обвинителство на Република Македонија за започнување истрага поврзана со измами со т.н. „брзи кредити“, како и поведувањето на кривична постапка против едно службено лице во рамки на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, информираме дека Фондот во целост ја поддржува работата на надлежните институции и ги обезбедуваше сите потребни информации за спроведување на истрагата. Кривичните дела кои се предмет на постапката – Фалсификување исправа (член 378), Злоупотреба на лични податоци (член 149) и Компјутерска измама (член 251-б) од Кривичниот законик – се сериозни прекршувања на законот и претставуваат загрозување на довербата во јавните институции.
Фондот за здравствено осигурување ја изразува својата решителна заложба за нулта толеранција кон какви било облици на криминално однесување, вклучително и во сопствените редови. Истовремено, би сакале да ја информираме јавноста дека Фондот веќе има преземено серија мерки за зголемување на безбедносните стандарди, со посебен фокус на заштитата на личните податоци и унапредување на ИТ безбедноста. Сигурноста на граѓаните и нивните податоци останува врвен приоритет. Овој изолиран случај нема да влијае врз угледот и професионалноста на институцијата. Напротив, решителноста да се расчисти со ваквите појави претставува доказ за нашата посветеност на транспарентност, интегритет и професионална етика. Фондот за здравствено осигурување и понатаму ќе соработува целосно со органите на прогон и ги поддржува напорите за целосно разоткривање и санкционирање на сите лица вклучени во овие противправни дејствија.