Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта, смета лидерот на СДСМ, Венко Филипче по најавите на премиерот Христијан Мицкоски за иницијативата за гласање интерпелација на членовите на Судскиот совет. Според Филипче, СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери, додава претседателот на најголемата опозициска партија.