Во емисијата 360 степени, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изрази сериозна загриженост за нетранспарентноста и потенцијалната нерамноправност во изборот на компании за реализација на стратешките инфраструктурни проекти.
„Законот за јавни набавки во овој случај нема да може да важи. Со самото тоа што однапред знаеме дека ќе учествуваат британски фирми, тоа значи дека многу веројатно тие се предодредени“, истакна Филипче. Тој укажа на тоа дека договорот сè уште не е познат на јавноста, иако станува збор за историски висока сума на задолжување под нејасни услови. „Тоа што до сега не знаеме ништо за овој договор, тоа што се зборува за огромни суми пари колку што нашата земја досега никогаш не зајмила под засега непознати услови, навистина прави сомнеж за целиот процес“, рече Филипче.
Дополнително, тој потенцираше дека за проекти кои ги надминуваат мандатите на една влада мора да се постигне поширок политички договор. „Сметам дека за вакви проекти коишто ги надминуваат мандатите на една или две влади кои што однапред знаеме дека ќе се градат подолго време, сметам дека треба да има надпартиски консензус“, истакна Филипче. Како пример за ваков пристап, тој го посочи обидот за заедничка работа на проектот за новиот клинички центар: „Јас лично како министер за здравство, иницирав заедничка работа на сите парламентарни партии на проектот за клиничкиот центар. За жал ВМРО-ДПМНЕ тоа го блокираше“, рече Филипче.
„Треба за такви крупни проекти од државно значење конечно да најдеме начин да постигнеме консензус“, додаде тој, нагласувајќи дека ваквиот пристап не само што ќе гарантира стабилност и континуитет, туку ќе ги избегне и сомнежите и проблемите какви што се појавуваат сега.