Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната конференција за печатот изјави дека новото задолжување не само што е економски сомнително, туку и политички антиевропско. Вели дека станува збор за два договора: еден во делот на стратешката соработка и еден за заем од Обединетото Кралство. „Стратешкиот договор со Велика Британија го поддржуваме, но ваквиот начин на заем, за вакви проекти, дефинитивно ја бележи оваа Влада како антиевропска“, рече Филипче. Тој изрази голема загриженост за недостигот од транспарентност и информации за содржината на договорите за нов кредит од 6 милијарди евра.
„Јавноста, за жал, а ниту политичките субјекти, дали во Парламентот или, генерално, во земјата, немаат доволно детали за ваков сериозен договор за заем. Владата е должна веднаш да излезе со повеќе информации, бидејќи досега нашата земја не потпишала ваква рамка за толкава сума пари со ниту една институција, со ниту една влада. Се работи за огромни суми пари, камати кои не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации“, кажа Филипче. Тој додаде дека износот од 6 милијарди евра е алармантен, дека го надминува државниот буџет и дека мора да се утврди потеклото на парите.
„Дали се британски парите и директно од британската Влада или станува збор за фонд што е лоциран во Велика Британија, а располага со пари од некоја друга земја? Дали знаеме колкава е каматата? Дали знае Владата, дали точно знае за што се преговара во овој период? Дали е направена споредба со некој друг извор на пари? Дали е направена споредба со Светска банка, со некои други комерцијални и инвестициски банки итн.?“, праша Филипче. Според него, геостратешката позиција на Македонија бара развој на два транспортни правца – Коридорот 10 (север-југ) и Коридорот 8 (исток-запад), но Владата, според него, ја игнорира балансираната стратегија.