Граѓаните ќе кажат дали Венко Филипче ќе ја направи СДСМ победничка партија, а јас ќе дадам сè од себе да ја консолидирам партијата по патот по којшто веќе започнавме. Дали е тој пат изоден целосно, не е апсолутно. Сè уште имаме простор да работиме и ќе работиме и во следните години, не само сега во пресрет на локалните избори. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју во Тема на денот на Дневникот на Сител Телевизија. Во таа насока тој потенцираше:
„Никогаш не сме се бореле за фотелји, само за да бидеме на власт како што е тоа сега. Туку, сакаме да ја добиеме довербата на граѓаните за да ги решаваме проблемите во нивни интерес“. Филипче вели дека тој и СДСМ имаат обврска да работат многу интензивно имајќи предвид во каква состојба се наоѓа државата и како владата на ВМРО-ДПМНЕ ја води државата. Неконтролиран раст на цените, намален животен стандард на граѓаните, плати кои стагнираат, згора на тоа и не се исплаќаат, неисплаќање на ДДВ за компаниите се само дел од критиките што Филипче ги упати за начинот на кој власта ја води државата.
„За жал, би рекол дека државата се наоѓа во многу тешка, како никогаш досега, и економска, меѓутоа и една длабока општествена криза. Гледаме дека владата тешко се справува со проблемите коишто граѓаните ги чувствуваат во делот на стандардот, платите, коишто никако не се помрднуваат од место. Во некои институции дури не се ни исплаќаат. Има институции кои не исплатиле плата во законски предвидените рокови. Владата како да не се грижи за тоа“, потенцира Филипче. Покрај лошите економски политики, претседателот на СДСМ истакна дека власта врши и целосна партизација на институциите.
„Драматична и бескрупулозна е партизацијата на институциите каде доколку не сте член на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија од владејачката коалиција вие сте деградирани и преместувани да работите дури во други градови на 100 километри дистанца од вашето место за живеење“, изјави Филипче. Сите овие лоши параметри се прикриваат со владината пропагандна машинерија, односно фабрика за илузии како што ја нарече Филипче. „Вклучена е на максимум пропагандната машинерија на власта. Меѓутоа граѓаните знаат дека практично не можат да врзат крај со крај. Можат да живеат во месецот до 10– 15-ти. После тоа ужасно тешко се живее во државата“, истакна Филипче во интервјуто. Токму затоа СДСМ има обврска интензивно да работи и да ја врати довербата на граѓаните.