Конференцијата оваа година е посветена на демократијата и социјалната правда и Филипче учествуваше на панел-дискусија што се однесуваше на прогресивните сили, а во Атина е и поранешниот премиер Зоран Заев кој заедно со домаќинот, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас ќе ја доделат Преспа наградата за мир.
– Договорот од Преспа, важен е, пред сè затоа што покажува дека со конкретно лидерство и визија на лидери како што се Ципрас и Заев можат многу работи да се решат. Договорот од Преспа реши повеќедецениски спор меѓу Северна Македонија и Грција и овозможи Северна Македонија да стане членка на НАТО, но за жал не сме во ЕУ. Моментално имаме десничарска авторитарна Влада во нашата земја која не сака да ја придвижи земјата напред, тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза, посочи Филипче.
Говореше и за авторитарните режими не само во Европа туку и во светот, за кризата во демократијата, што како што рече не е нова, а ги пренесе и неговите видувања за тоа што можат да направат прогресивните сили за да постигнат успех.
– Треба да им се вратиме на нашите традиционални гласачи, а тоа се работниците. Треба да признаеме дека во изминатите изборни циклуси многу од работниците гласаа за радикална десница. Ова не е затоа што се радикални или фашисти, ова е бидејќи се чувствуваат напуштени од нас и ова е парадокс, нагласи Филипче.