Лидерот на СДСМ Венко Филипче го осуди начинот на кој се води истрагата за трагедијата во Кочани и го предупреди институционалниот молк околу одговорноста.
„Ситуацијата во Кочани е многу сериозна. Револтот на родителите е огромен. Тие имаат сериозна забелешка за тоа како се води истрагата. Еве се најавува затворање на истрагата – ниту еден од актуелните функционери во МВР не е повикан“, рече Филипче.
Поранешниот министер за здравство праша зошто нема одговорност во редовите на полицијата и политичарите.
„Каде е тој што беше одговорен од МВР во Кочани, во Штип? Дали ќе го повикаат пратеникот Лефков? Никаде ги нема“, истакна Филипче во емисијата на „360 степени“.
Филипче нагласи дека семејствата бараат правда, а државата се обидува да ја затвори темата.
„Семејствата на загинатите бараат правда. Немојте да мислите дека овој пристап на владата со којшто проблемот сака да го стави по страна дека ќе им успее“, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ ќе продолжи да се бори низ сите достапни институционални механизми.