По трагедијата во Кочани, како обединувачки и момент на сплотување, Венко Филипче на маса пред лидерите ќе го истакне овој предлог во случај поканата за средба да биде прифатена од партиите од македонскиот политички блок. Лидерот на најголемата опозициска партија Венко Филипче има предлог до парламентарните партии што ќе ги покани следната недела на лидерска средба. Предлогот е партиите да излезат со заеднички кандидат за градоначалник на Кочани на локалните избори наесен. Тоа ќе биде само една од понудите на претседателот на СДСМ на лидерската средба, вели за „Слободен печат“ висок функционер од СДСМ. Филипче лидерската ја најави во гостувањето во хуманитарното отворено студио на Канал 5 за донирање средства за настраданите во Кочани. Парламентарните партии се воздржани за повикот на Филипче за лидерска средба, на која тој најави дека ќе презентира план за државата, по катастрофалната трагедија во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе. За разлика од првиот повик на лидерот на СДСМ за лидерска средба, кога експресно беше одбиен од премиерот Христијан Мицкоски, сега Владата остава простор за средба и официјална покана. Опозициската ДУИ, пак, средбата ја услови со прифаќање на нивната иницијатива за Анкетна комисија за Кочани, а од Вреди му порачаа на Филипче да не ја политизира трагедијата.

Филипче: Младите ги интересира иднината По трагедијата во Кочани, како обединувачки и момент на сплотување, Филипче на маса пред лидерите ќе предложи партиите да понудат заеднички независен кандидат за градоначалник на Кочани. Дали ова ќе биде прифатено од лидерите на партиите од македонскиот политички блок, ќе биде појасно по состанокот ако лидерите ја прифатат средбата. Филипче во телевизиското гостување рече дека кога младите излегуваат на улица и бараат промени, политичарите треба добро да размислат што треба да направат. – Младите се категорија граѓани што не ги интересира ниту минатото, не ги интересира сегашноста, туку ги интересира иднината. Очигледно конвенционалните начини на водење политика на политичка борба не даваат доволно резултати. Следната недела во Собранието ќе упатам повик за лидерска средба на која ќе го презентирам мојот план за државата – рече лидерот на СДСМ. Тој истакна дека се потребни вистински реформи во правосудството, суштински промени во здравствениот систем, да почне изградбата на Клиничкиот центар, да се направат суштинските промени во образовниот систем, да се удвојат примањата на наставниците, децата да имаат добра едукација. – Да се направи дефинитивна промена во системот на јавната администрација и, конечно, да разговараме за европските поглавја поради тоа што тоа е единствениот начин да се бориме против корупцијата зашто главната причина за корупцијата е сиромаштијата. Нема да може да ја совладаме сиромаштијата без да го почнеме тој процес и да се надеваме, ако час поскоро го започнеме, да ги видиме првите резултати за пет до десет години. Мора да бидеме реални и да знаеме што и кога можеме да очекуваме – рече Филипче.

Владата не добила барање од опозицискиот лидер. Од Владата велат дека не добиле барање од опозицискиот лидер за лидерска средба. – Не е пристигнато официјално барање до Владата, ниту има иницијатива од СДСМ, само најави од медиуми. Вакви сериозни ситуации налагаат сериозен пристап. Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која ќе помогне – велат од Владата. Од владиниот партнер Вреди, пак, му порачаа на Филипче дека нема кредибилитет да свика лидерска средба. – По најавите од СДСМ дека ќе бараат Анкетна комисија за Кочани, што очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба. Доволна им е координацијата со ДУИ – велат од Вреди. Од ЗНАМ на Максим Димитриевски прво ќе почекаат да добијат официјална покана за лидерската, да видат за што станува збор, за потоа органите на партијата да може да донесат одлука.
Од Европскиот фронт лидерската ја условија со формирање на парламентарна комисија.
– Прво треба да се основа парламентарна комисија со меѓународен надзор, а потоа ќе треба да се размисли за лидерска средба. Оттука ги повикуваме сите пратеници што не сакаат една од најголемите трагедии во државата да заврши и со најголемата правна фарса на селективната правда и заробената држава, да се потпишат на иницијативата на Европскиот фронт за да се формира комисијата – велат од ДУИ. Од Левица велат дека ќе се изјаснат за нивното присуство на лидерската откако ќе дознаат за форматот и планот за состанокот. – Но, наместо политичарите да се среќаваат на средби, треба Собранието да работи транспарентно и одговорно кога тоа е најмногу потребно, за да се отворат прашањата за трагедијата во Кочани преку легитимни и ефективни демократски методи, и да се создаде политички амбиент за отворање на прашањата поврзани и со претходните немили настани за кои граѓаните бараат одговорност, како модуларната болница во Тетово, Дурмо турс… Институциите мора да дејствуваат брзо, ефикасно и без компромис. Ова не е време за калкулации, ниту за политички маневри и договори, туку за дејства на сите нивоа на власта, за да се создаде безбедноста и да се осигура одговорноста – велат од Левица. Ова е втор обид на опозицискиот лидер да се одржи лидерска средба со лидерите на парламентарните партии. Филипче во декември побара лидерска, на која требаше да се разговара за меѓуетничките односи по инцидентите со државното знаме.