Министерот за правда Игор Филков во Интервју за МИА првата година од мандатот ја оценува како директна борба за враќање на основната функција на Министерството – да служи на правдата и на граѓаните.Реформите вели дека ќе се случат, не поради тоа што некој од надвор така бара, туку затоа што граѓаните го заслужуваат тоа, нагласувајќи дека тоа значи крај на заштитени привилегии и почеток на вистинска правна еднаквост.
,, Динамиката на спроведување на реформите е интензивна, фокусирана и целосно усогласена со обврските што ги имаме преземено во рамките на Планот за раст на Западен Балкан. Свесни сме дека ова не е само технички процес, туку и стратешки момент за државата. Овие реформи значат конкретни бенефити за граѓаните – владеење на правото, поефикасна и праведна правда, и посилни институции. Имаме политичка волја и јасна цел – да го испорачаме она што е договорено и потребно. Роковите ги следиме дисциплинирано. Од 8 закони од Реформската агенда со рок до јуни 2025 година, 5 се испратени до Влада, а останатите се во финална фаза. Законот за Судскиот совет е во завршна фаза и очекувам да биде усвоен до крајот на месецот, како што и беше предвидено. Ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството. До крајот на годината не чека уште една важна задача – носењето на новиот Кривичен законик. Тоа не е само усогласување со европските стандарди, туку суштинска правна реформа која ќе ја модернизира казнената политика и ќе даде јасен одговор на организираниот криминал и корупцијата. Конечно ќе има јасни, остри и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на функција, организираниот криминал. Јас верувам во институциите и во нашиот капацитет да го испорачаме ова. Реформите не се само формалност – тие се одраз на нашата политичка волја, одговорност и визија за праведно општество“,потенцира Филков.
Што се однесува на Законот за Јавно обвинителство, тој е веќе подготвен, рокот за негово носење е декември.
,,Таму правиме клучен чекор. Јавното обвинителство повеќе нема да биде „затворена кутија“ зад која се кријат одлуки без објаснување. Новиот закон ќе обезбеди отчетност, засилена контрола од јавноста, како и рамнотежа меѓу хиерархијата и професионалната слобода. Не сакаме обвинителство што калкулира, туку што постапува. Воведуваме систем за редовна и објективна евалуација на обвинителите, како и јасна линија на одговорност. И во овој закон, внимателно ги вградивме речиси сите клучни забелешки од Оценската мисија.
Мојата цел е едноставна: да го вратиме правосудниот систем кај граѓаните. И токму преку овие закони почнуваме со тоа – со институции што се отчетни, професионални и неподложни на влијанија,”вели Филков.Во интервјуто за МИА, министерот Филков се осврнува и на измените на Изборниот законик, барањата за екстрадиции, ресурсите во правосудството , дигитализацијата, примената на алките и др.