Законот за Судскиот совет е во завршна фаза и очекувам да биде усвоен до крајот на месецот, како што и беше предвидено. Нема веќе „не знаев“, нема веќе „немав ингеренции“. Ќе има име и презиме за секоја одлука, вели министерот за правда Игор Филков во интервју за државната МИА, посочувајќи дека ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството.
Филков нагласува дека Министерството за правда го добило мислењето од Венецијанската комисија за Предлог-законот за Судскиот совет и тие забелешки веќе се разгледани.
– Станува збор за конструктивен и содржаен документ што содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои ние како Министерство вложивме сериозен фокус. Тие забелешки веќе се разгледани. Особено значајно за нас е што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изработката на законот – преку јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите клучни чинители. Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина, вели Филков.Кога зборуваме за доверба во правосудството, тоа, како посочува Филков, мора да почне од институциите што го водат системот – Судскиот совет и Јавното обвинителство и затоа тргнавме од таму.
– Советот, досега замислен како гарант на независноста, премногу често беше глув за скандали и молчеше кога требаше да дејствува. Сега тоа се менува. Воведуваме строги критериуми за избор и разрешување, обврска за транспарентност, контрола на интегритетот и, најважно, механизми за лична одговорност. Нема веќе „не знаев“, нема веќе „немав ингеренции“. Ќе има име и презиме за секоја одлука. За првпат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака, изјави Филков.
Што се однесува до обвинителството, Филков уверува дека тоа повеќе нема да биде „затворена кутија“ зад која се кријат одлуки без објаснување.
– Новиот закон ќе обезбеди отчетност, засилена контрола од јавноста, како и рамнотежа меѓу хиерархијата и професионалната слобода. Не сакаме обвинителство што калкулира, туку што постапува. Воведуваме систем за редовна и објективна евалуација на обвинителите, како и јасна линија на одговорност. И во овој закон, внимателно ги вградивме речиси сите клучни забелешки од Оценската мисија, изјави Филков.
До крајот на годината, Филков вели дека има уште една важна задача – носењето на новиот Кривичен законик, што не е само усогласување со европските стандарди, туку суштинска правна реформа која ќе ја модернизира казнената политика и ќе даде јасен одговор на организираниот криминал и корупцијата.
– Конечно ќе има јасни, остри и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на функција, организираниот криминал. Јас верувам во институциите и во нашиот капацитет да го испорачаме ова. Реформите не се само формалност – тие се одраз на нашата политичка волја, одговорност и визија за праведно општество, нагласува Филков.