Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ соопшти дека од 30 март до 3 април во киното „Киноверзум“ во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода ќе се одржат проекции на филмови по повод десеттото јубилејно издание, а самата програма ќе биде од хуманитарен карактер. Целокупниот приход од влезниците на овој настан ќе биде наменет за семејствата на настраданите во несреќата во Кочани. – По најголемата трагедија во поновата македонска историја, ние како фестивалски тим одлучивме дека програмата која требаше да биде само наговестување за десеттото, јубилејно издание на МФФ „Киненова“ 2025, да им ја посветиме на настраданите во големата несреќа во Кочани со давање хуманитарен карактер на истата. Колкава и да е таа капка на материјална и духовна поддршка за блиските на настраданите, сакаме да пробаме да придонесеме кон влевањето на надеж и да покажеме минимум одговорност, но во исто време и со иста љубов да оддадеме длабока почит за оние невини души кои ги загубија животите и оние кои го жртвуваа својот за да ги спасат животите на останатите, соопштија од „Киненова“.
Од фестивалот посочуваат дека проекциите на филмови се внимателно одбрани. Станува збор за најистакнатите наградени филмови на минатите изданија на фестивалот. -Чувствуваме немерлива празнина и болка за се што се случи. Во таа насока ве повикуваме вас, драга публико, вие добронамерници со големи и благородни срца, да ги посетите проекциите на филмовите кои внимателно ги одбравме и обезбедивме, а кои се дел од најистакнатите и наградени филмови на минатите изданија на „Киненова“ и со вашето присуство и купената влезница да придонесете во оваа наша мисија, соопштија од „Киненова“.