Концертот „Без зборови” на оркестарот на Македонската филхармонија кој ќе се одржи во четврток, со почеток во 20 часот ќе биде хуманитарен, а средствата од продадените билети ќе бидат донирани во Фондот за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани. -Македонската филхармонија во овие тешки и траорни моменти за сите нас, сочувствува со семејствата на жртвите во страотната несреќа во Кочани. Ве информираме дека нашиот концерт ,,Без зборови”, кој ќе се одржи во четврток на 27 март ќе биде хуманитарен, а средствата од купените билети ќе бидат донирани во фондот за настраданите и повредените во трагичниот настан.
Нека им е светол патот, сочувство до најблиските, болката е неизмерна, истакнаа од Филхармонија. На програмата се Адаџо за гудачки оркестар, оп. 11 од Семјуел Барбер, Концертот за тромбон и оркестар од Анри Томази и Концертот за оркестар од Бела Барток. Како солист ќе настапи Џовани Скарпета од Колумбија, а како диригент за првпат пред оркестарот на Македонската филхармонија ќе застане маестро Габор Холерунг од Унгарија. Влезниците за концертот се со цена од 700 денари.