Од 1.958 правни лица, 1.432 или 70 %, во 2024 година немаат ниту една активност за исполнување даночни обврски – немаат поднесено даночен биланс за 2023 година, немаат ДДВ пријави, немаат вработени или исплатени плати, забележа УЈП Најновата Листа на должници, која се однесува на долговите доспеани до 30.9.2024 и неплатени до 31.12.2024, вклучува вкупно 1.958 правни лица и 3.914 физички лица, кои заедно должат повеќе од 11,3 милијарди денари даноци и придонеси. Овој износ изгледа застрашувачки и покажува дека даночната дисциплина во земјата не е на завидно ниво. Но, кои се долговите што го сочинуваат овој список? „Во прв план, листата содржи нови должници што првпат се објавени во текот на 2024 година, а дел и на оваа Листа бр. 01/2025. Нивниот вкупен долг изнесува 2,5 милијарди денари, или околу една петтина од вкупниот долг за даноци и придонеси. Ова покажува дека дел од фирмите и од поединците кои се појавуваат на листата во суштина се нови ‘играчи’ во светот на даночните неплаќачи“, напиша УЈП.
Имајќи предвид дека многу поголем број должници се оние со долгови што се таложат од претходните години, прашање е кој не плаќа даноци и придонеси, велат од УЈП. „Впечатливо е тоа што огромен дел од должниците што се повторуваат, не покажуваат никаква активност за исполнување даночни обврски, што дополнително го комплицира процесот на наплата на нивните долгови. Од 1.958 правни лица, 1.432 или 70%, во 2024 година немаат ниту една активност за исполнување даночни обврски – немаат поднесено даночен биланс за 2023 година, немаат ДДВ пријави, немаат вработени или исплатени плати. Практично, овие фирми постојат само „на хартија“. Тука прво прашање е како УЈП може да ги наплати долговите од овие должници што практично се „мртви“. Второ прашање е дали УЈП пропуштила навреме да ги наплати овие долгови. Трето прашање е дали овие фирми свесно се довеле во некаква „кома“ за да го избегнат плаќањето на својот долг кон државата“, соопшти УЈП.
Оттаму велат дека во рамките на списокот, посебно внимание заслужуваат најголемите 100 должници – 96 правни лица и четири физички лица, кои заедно должат над седум милијарди денари, или 62 отсто од вкупниот долг за даноци и придонеси.„Интересно е тоа што на оваа топ-листа нема должници што ги администрира Дирекцијата за големи даночни обврзници, а според регионалната распределба една половина (51) од должниците се од Скопје. Повторно, хроничниот проблем – неактивноста, постои кај дури 62 од овие должници што не поднеле даночен биланс за 2023 година, ДДВ пријави, немаат вработени или не исплаќаат плати“ велат од УЈП. УЈП има на располагање низа законски мерки за присилна наплата – од блокада на трансакциски сметки и наплата од побарувањата на должникот, до залог, заплени и јавни продажби на имот и наплата од други даночни должници – даночни гаранти и солидарни должници.
Голем предизвик пред УЈП е да спроведе процес во кој ќе ги разграничи наплатливите долгови од ненаплатливите долгови и оние за кои настапила застареност за наплата. На прашањето зошто дошло до вакви состојби, важно е да се истакне и дека процесот на присилна наплата вклучува правни и процесни пречки што често го отежнуваат и одложуваат нивното спроведување. „Примери за тоа се: нерешените правни статуси на објекти, имоти во сосопственост, хипотекарни права на други доверители, случаи кога заложените движни предмети не може да се најдат и запленат, должници-нерезиденти за кои треба да постапува и странска даночна администрација и сл. Овие пречки го усложнуваат процесот и го намалуваат реалниот капацитет за наплата на овие долгови, а со текот на времето долговите стануваат предмет на законско ограничување за наплата (застареност).