Управата за јавни приходи ги потсети сите угостители, трговци и вршители на дејност на законската обврска да го регистрираат готовинскиот промет преку одобрен фискален систем и да издаваат фискални сметки за секоја наплатена стока или услуга. Покрај тоа, деловните субјекти се должни да го евидентираат остварениот промет и да го уплатат кај носителот на платниот промет, најдоцна наредниот ден по денот на реализација на прометот.
Оваа обврска важи за сите што вршат готовински промет, без разлика дали се обврзници за ДДВ или не, како и без оглед на тоа дали дејноста е постојана или сезонска. Активностите се дел од мерките кои Управата за јавни приходи ги презема заради зајакнување на даночната усогласеност и обезбедување еднаков третман на сите даночни обврзници.
– Работењето во согласност со законските прописи придонесува за создавање транспарентно деловно опкружување, фер конкуренција и заштита на интересите на граѓаните и државата. Непочитувањето на законската обврска и нерегистрирање на готовинскиот промет, според ЗРГП повлекува санкции, и тоа изрекување глоби и затворање на деловните објекти – велат од УЈП.
Инаку, на крајот од 2024 година во земјава имало вкупно 73.775 фискални апарати и регистрирани 38.328 фискализирани даночни обврзници. До УЈП лани пристигнале само 717 поплаки за неправилности во врска со издадените фискални сметки.