Како што на многумина веќе им е познато, раперот Шом Комбс – Диди се соочува со судски процес, откако во 2024 година беше обвинет за рекетирање и трговија со луѓе. Откако Диди беше уапсен во септември минатата година во хотелот „Парк Хајат“ во Менхетен, Њујорк, тврди дека е невин и ги негира сите обвиненија.Од почетокот на судењето пред неколку недели, сведочеа бројни сведоци, меѓу кои и неговата поранешна девојка Касандра Вентура – Каси, која го обвини за физичко малтретирање за време на нивната врска.
За време на прес-конференција во Белата куќа на 30 мај, американскиот претседател Доналд Трамп беше запрашан за судењето и можното помилување на Комбс. Без да ја исклучи таа можност, претседателот изјави: „Никој не ме прашал за тоа. Но знам дека некои размислуваат. Мислам дека некои беа многу блиску до тоа да прашаат. Прво, ќе проверам што точно се случува, бидејќи не сум го следел случајот многу внимателно, иако сите многу пишуваат. Не сум го видел. Не сум разговарал со него со години“.
Кертис Џексон, познат како Фифти сент, реагираше на коментарите на Трамп преку објава на Инстаграм. Реперот, кој долго време е во конфликт со Диди, напиша: „Тој кажа навистина грди работи за Трамп, тоа не е во ред. Ќе го контактирам за да му кажам што мислам за тој човек“.„Доналд не поднесува непочитување и не заборава кој му се спротивставил. Додека неуморно работи за повторно да ја направи Америка голема, нема место за одвлекување на вниманието. Би размислил за помилување на секој што бил неправедно третиран, но не и на Паф Диди“, додаде тој.
Новинар на прес-конференцијата во Белата куќа потсети дека Трамп во 2012 година во шоуто „Славниот приправник“ (The Celebrity Apprentice) изјавил дека Комбс му бил добар пријател, но дека одлуката да влезе во политика го променил тој однос.„Порано навистина ме сакаше, но мислам дека кога влегов во политиката, тој однос се распадна, барем според тоа што сум читал… Кога се занимаваш со политика и кога правиш што е исправно, стануваш сосема различна личност. Нашата земја стои многу добро благодарение на тоа што го правиме.Можев да правам и други работи, и сигурен сум дека тоа ќе му се допаднеше нему, како и на многу други луѓе, но тоа не би било добро за земјата. Нашата земја оди во добра насока поради тоа што го правиме, па ова не е натпревар во популарност. Секако би ги разгледал фактите“, изјави Трамп.