Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека ги поддржува сите мировни планови и предлози за прекин на огнот во Украина. Секој ден од војната во Украина е поврзан со меѓусебното убивање на Словените, што го осудив на самиот почеток на конфликтот. Јас сум премиер на мирољубива земја која постојано води суверена словачка надворешна политика, напиша Фицо на својот Фејсбук профил, пренесе агенцијата ТАСР.
По разговорите со американските претставници во Саудиска Арабија во вторникот на 11 март, Украина го поддржа предлогот на САД за воспоставување 30-дневен прекин на огнот со Русија, а официјален Вашингтон за возврат веднаш ги укина сите ограничувања за воената помош за Украина и размената на разузнавачки информации. Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Русија ќе одговори на американскиот предлог за воспоставување на 30-дневен прекин на огнот дури откако ќе се запознае со деталите од тој документ, пренесува Танјуг.