Трагедијата во Кочани трет ден одѕвонува во главите на сите граѓани во Македонија, но и пошироко. Најтешко им е на оние кои загубија син, ќерка, брат, сестра, татко, мајка, сопруг, сопруга… Неизмерно тешко им е на сите оние кои имаат свои блиски на лекување во Клинички, во „8. Септември“, во Србија, Бугарија, Турција…
„Фокус“ како сериозен и одговорен медиум се вклучува во идејата, апелот, молбата, желбата на кочанчани во четврток, на денот кога во Кочани (но и во други градови) ќе се изврши погребниот процес на нашите сограѓани, браќа и сестри да нема новинарска екипа, да нема фотографија или видео од тој интимен чин кој треба да биде само со најблиските, роднините, достоинствено, подалеку од очите на целокупната домашна и меѓународна јавност. Новинарскиот кодекс во член 8 вели „Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост. Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“. Да бидеме достоинствени во болката, да живее споменот и сеќавањето на жртвите од оваа страшна трагедија со надеж дека повредените успешно ќе закрепнат, а ваква трагедија никогаш повеќе нема да се случи на ова парче земја.