Од вкупно 120 пратеници, 39 припаѓаат на немнозинските заедници, односно се дел од Бадентеровото мнозинство, неопходно за усвојување на одредени реформски и системски закони. Според моменталниот распоред на силите, владејачките партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН имаат 14 пратеници од малцинствата, што значи дека им недостигаат 6 пратеници за да го контролираат Бадентерот. Во ваква ситуација, двојното мнозинство зависи од 18-те пратеници што се дел од Европскиот фронт на ДУИ, но математички може да го обезбедат АА, СДСМ и Левица, кои заедно имаат 7 пратеници од „помалите“ етнички заедници.
од Фокус 19.06.2025
Владата се потпира на стабилно парламентарно мнозинство кое моментално брои 75 пратеници, што е само 5 пратеници помалку од двотретинско мнозинство од 80 пратеници, меѓутоа владејачкото мнозинство не го контролира Бадентеровото мнозинство или мнозинството од пратениците кои припаѓаат на помалите етнички заедници, неопходно за изгласување на серија на системски и реформски закони.По минатогодишните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ формираше Влада со ЗНАМ и ВЛЕН, која тогаш се потпираше на мнозинство од 78 пратеници, од кои 6 беа на ЗНАМ, 14 на ВЛЕН, а останатите 58 на предизборната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Но, како што е познато, Арбен Таравари неодамна излезе од ВЛЕН, а потоа и од Владата. Иако неговото крило на Алијанса за Албанците имаше 5 пратеници, сепак, тој во опозиција повлече тројца од нив, бидејќи двајца одлучија да не го следат неговиот чекор.
Па, мнозинството моментално брои 75 пратеници, со тоа што владини претставници најавуваат дека тоа ќе се засили со неколку пратеници од опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ. Во таа насока, неофицијалните информации говорат дека власта е во напредни преговори со лидерот на ДПА Мендух Тачи. Имено, за ДПА се чува испразнетото заменичко министерско место во ресорот одбрана, но, според партиски извори, Тачи не инсистирал толку на функции колку што сакал да биде дел од други процеси.
Исто така, власта води преговори и со Демократската партија на Турците, која во Законодавниот дом ја претставува довчерашниот партиски лидер Бејџан Иљас, чиј наследник неодамна стана Зулфиќар Зејнула. Веднаш по изборот за нов партиски лидер, Зејнула за „Фокус“ изјави дека за неколку дена ќе биде во можност да одговори на прашањето дали ДПТ и понатаму ќе остане дел од Европскиот фронт или размислува за премин во власта? Неодамна му го упативме истото прашање, но не добивме одговор.
И покрај тоа што евентуалните трансфери од опозиција кон власта нема да влијаат многу врз стабилноста на мнозинството, се сметаат за значајни од аспект на прашањето за легитимитетот на Владата кај албанската и другите „помали“ етнички заедници, кој го оспорува албанската опозиција на чело со ДУИ, од каде обвинуваат дека Владата е моноетничка и нема легитимитет кај Албанците. Притоа, тој наратив уште повеќе се засили со заминувањето на Таравари, кој го чинеше мнозинството минус 3 пратеници, кои власта сега се обидува да ги компензира.
Во тој контекст, независно од политичките наративи, неспорен факт дека мнозинството не го контролира т.н. Бадентерово мнозинство, односно нема мнозинство од пратениците кои припаѓаат на „помалите“ етнички заедници, што е неопходно за изгласување на некои закони. Токму поради немање на Бадентер, на пример, пропадна гласањето за измените на Изборниот законик, за избор на членови на Програмскиот совет на МРТВ итн. Каква е ситуацијата изразена во бројки?
Како што велат од Собранието, 39 од вкупно 120 пратеници се припадници на немнозинските заедници, што се утврдува со поднесување на изјава при конституирање на Законодавниот дом. Најголем број од нив се Албанци, но во Бадентерот влегуваат и припадниците на српската, ромската, турската, влашката и други заедници. Оттука, најмногу од припадниците на овие заедници доаѓаат од двете албански коалиции во власт и во опозиција, но во помал број ги има и во другите коалиции.Односно, Европскиот фронт предводен од ДУИ се уште има 18 пратеници и сите се припадници на немнозински заедници. т.е. на албанската и на турската. Што се однесува до ВЛЕН, оваа коалиција моментално има 11 пратеници и сите се од албанската етничка заедници. Уште 3 пратеници-Албанци има и таборот на Таравари, кој од скоро делува опозициски. Патем, пратеници од немнозинските заедници има и во коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, како и во Левица.
Според информациите што ни ги доставија од таму, во ВМРО-ДПМНЕ и нивната предизборна коалиција има тројца пратеници од малцинствата – Драган Недељковиќ (Србин), Мевмед Џафери (Турчин) и Душко Иванов (Влав). Потоа, има двајца пратеници во СДСМ – Фатмир Битиќи (Албанец) и Митко Трајчулевски (Влав). И, уште двајца пратеници има во Левица – Амар Мециновиќ (Бошњак) и Реџеп Исмаил (Турчин).Така, се доаѓа до вкупна бројка од 39 пратеници, од кои дел од власта моментално се 14 пратеници (11 на ВЛЕН плус 3 на ВМРО-ДПМНЕ), додека во опозиција се 25 пратеници (18 на ДУИ плус 3 на АА плус 2 на СДСМ плус 2 на Левица). Имајќи го тоа во предвид, за Бадентерово мнозинство потребни се 20 пратеници, што значи дека на власта и недостигаат 6 пратеници од немнозинските заедници за да го контролира двојното мнозинство. Тоа значи дека евентуалниот трансфер на Тачи и Иљас не би бил доволен за целосно надминување на овој предизвик.
Инаку, Бадентерово мнозинство е потребно за закони кои ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите… Треба да се посочи дека за некои законски решенија е потребен обичен или мал Бадентер, што подразбира мнозинство од претставниците на немнозинските заедници кои се моментално присутни на седница. Но, за дел од законите е потребен голем Бадентер или мнозинство од сите 39 пратеници од заедниците, што конкретно значи мнозинство од 20 пратеници.Ако власта може да истурка закон со мал Бадентер, искористувајќи прилика да бидат отсутни голем број опозициски пратеници од заедниците, тогаш за големиот Бадентер и е неопходна поддршка од најмалку 6 пратеници од опозицијата. Тоа би значело дека големиот Бадентер математички може да го обезбеди ДУИ, како што тоа го направи при поддршка на законските измени за реорганизација на државата управа и на Законот за локална самоуправа. Другата опција, која би значела избегнување на интегративците, пак, е двојното мнозинство да го обезбедат заедно АА, СДСМ и Левица.