Шокантно е колку полското општество овие денови е оптеретено со некаква претстојна војна со Русија за која скоро сите тврдат дека е неизбежна. Она што Полска економски го има постигнато во последните три децении може да се мери само со Кина или Дубаи и навистина од наша перспектива нелогично звучи дека цел еден народ е спремен сето тоа да го жртвува во една секунда само за да се исправаат некакви “криви Дрини” и тоа генерално за туѓи интереси.
Пишува: Дејан АЗЕСКИ, ФОКУС.МК
Полска е станата ,,џин” во секоја смисла на зборот. Варшава денеска изгледа како Западна Германија во нејзините најубави денови од седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век. Импресивно е од блиску да се види што се имаат постигнато за само три децении. Всушност тие имаат постигнато се она што и ние сме можеле, а сепак не сме успеале или сме го оставиле за понатаму.Градот е чист како солза со совршен јавен превоз со ниво на безбедност на кое можат да му позавидат и Минхен и Берлин, а особено Франкфурт и без мигранти по улиците, туку напротив со бегалци од Украина кои експресно се вклучени во работниот процес и кои се значаен дел од економскиот успех на Полска каква што ја гледаме денес.
Околу централниот плоштад кој го краси кулата на Сталин (палатата на културата) се изминати десетици облакодери кои ја прават Варшава слична на Њујорк, но многу покомотна и почиста од секој можен аспект. Гледано од оваа перспектива Полска е навистина спој помеѓу западот и истокот и веројатно треба да продолжи така и да функционира бидејќи претераното наклонување кон само една страна секогаш низ историјата и носело големи проблеми и страдања.
Со оглед дека организатори на нашето новинарска студиска посета беа Македонскиот институт за медиуми и делегацијата на Европската унија, навистина ни беше овозможено во краток временски период да ги посетиме вистинските места и да се сретнеме со вистинските луѓе за брзо да стекнеме претстава за реалната положба во која се наоѓа Полската република.
МЕДИУМИТЕ СЕ КАКО НА МЕНХЕТАН
Според она што го видовме не е само централниот плоштад и ,,руфтоп” рестораните налик на САД. Тоа е пресликано и во квалитетот на на функционирање на секоја една фирма или институција.
Кога влеговме во зградата на ,,Газета Виборца” најпознатиот продемократски весник основан 1989 година, буквално ни отпадна вилицата од она што го видовме. Новинарите таму работат во услови на кои може да им позавидат и вработените во Гугл или Фејсбук. Во Полска очигледно новинарството се уште е ценета професија каде бројни студенти обавуваат интершип програми и така се регрутираат нови идни и поквалитетни генерации.
Главниот уредник ни пренесе дека успешно го обавуваат процесот на емиграција од физичка кон дигитална претплата и дека според сегашните финансиски состојби медиумот уште долго и долго ќе живее и ќе се води за демократска Полска. Тој сепак беше оптимист и дека печатените медиуми ќе опстојат макар со минимален тираж бидејќи според него секогаш ќе има некој кој престижно ќе ја сака физичката форма на она што го чита во своите раце.
Слична состојба не затекна и во прекрасната зграда на неделниот весник Политика кој датира уште од времето на социјализмот. Таму бевме гости на Политика Инсајд (Тинк Танк основан од истиот медиум со цел да ги анализира и предвидува процесите во периодот кој следува).Со вака моќни и законски заштитени медиуми не е ни чудно што никој во Полска не се плаши од новоименуваниот претседател Карол Навроцки за кого сите очекуваат да биде полскиот Трамп.
И од Газета и од Политика и од државната информативна агенција колегите не информираа дека претседателот на државата има јасно дефинирани и ограничени овластувања (го користеа терминот Англиска кралица) што значи дека медиумите и јавноста нема да му дозволат да излезе од тие свои рамки.
Новинари се и убедени дека без разлика на византиските игри и корупцијата (која ја има и во нивната политика како и во секоја) ниеден политичар во Полска нема да е во можност да си дозволи со своето делување да го загрози напредокот на државата кој е стигнат до тоа ниво да просто секој верува во неговата самоодржливост.
МРАЧНАТА СТРАНА КОЈА ДЕМНЕ НАД ОВАА СОВРШЕНА ПОЛСКА
За жал ова што досега го изнапишавме е само половина од приказната за Полска бидејќи вториот дел е многу мрачен и страшен. Оваа држава која е на граница со конфликтот веќе со години активно се спрема за војна па дури постојат шпекулации и дека нејзини специјални единици веќе се вклучени во војната во Украина.
,,Imminent” или ,,неизбежна” е констатацијата за војната која ни ја повторија и во Полскиот институт за источни студии и во нивниот меѓународен институт, па и во самото министерство за надворешни работи. Од трите институции беа децидни дека, како што моментално стојат работите, Полска е единствената земја од ЕУ целосно спремна да и се спротивстави на Русија.
Според нивните проценки трите балтичките држави Литванија, Естонија и Летонија се буквално целосно незаштитени и можат да паднат преку ноќ, а ништо поспремни според нив не се ниту новите членки на НАТО, Финска и Шведска. Сепак Полјаците најмногу се разочарани од Германија за која велат дека намерно ги одолговлечува припремите за војна бидејќи нивното општеството е поделено помеѓу оние кои веруваат дека НАТО навистина не требало да се шири вон границите од 1997 и оние кои се уште се сеќаваат на катастрофите од Втората светска војна.
Без разлика што Полска беше државата која најмногу настрада во претходната војна интелегенцијата таму и те како форсира ,,воена” реторика, а на анкетите која држава од соседите најмногу ја сакате, Германија секогаш високо е рангирана над Русија без разлика што токму оваа држава пред помалку од еден век монструозно ликвидира милиони граѓани на Полска.
Новинарите и функционерите ова ни го објаснија со фактот дека предрастично е разликата помеѓу економскиот напредок кој Полска го виде од Европската унија во споредба со економскиот назадок од Варшавскиот пакт. И дефинитивно токму ова Полјаците се спремни да го бранат по секоја цена иако во последно време се јавуваат фракции особено кај крајната десница кои се антиевропски настроени псобемо во делот на прием на мигрантите.Треба да се потенцира и дека на улиците на Варшава се уште не може да се види ниту еден дојденец од афричките или азиските држави и дека засега сиот вишок на работна сила доаѓа од Украина и околните експертски републики за кои има посебен закон кој ја фаворизира нивната миграција пред црномањастото и муслиманско население кое доминира во соседна Германија.
ВИШЕГРАДСКАТА ГРУПА Е МРТВА
Полска веќе почнува и да ја плаќа цената на ваквата напната и ворнохушкачкс состојба. Нивното најголемо чедо Вишеградската група (која требаше да ја направи Варшава лидер не само во источна туку и во западна европа) веќе го нема. Принципиелните разидувања со Виктор Орбан по ставот околу Русија ја направија оваа неформална групација целосно нефункционална.
Тоа е всушност штета до несогледливи последици бидејќи не само што ќе се одрази на економската соработка помеѓу државите од оваа групација туку веќе се одразува на нивната тежина во преговорите со старите членки на унијата по низа прашања.
Како што некогаш Јосип Броз Тито својата сила ја култиплицирсше преку движењето на неврзаните така и Полска сакаше истото да го направи претставувајќи се за лидер на земјите со забрзан економски раст по долината на Дунав. Вака сега повторно се враќа во прегратките на официјален Берлин за кој кажавме дека најголема тактизира по руското прашање и не е исклучено дека во блиска иднина може да ја фрли Полска, а Германија да остане по страна како што во моментов се прави со Украина.
Во секој случај голема загуба и за Полска и за цела источна Европа е тоа што новите членки на ЕУ веќе не се обединети бидејќи за Балканот тие беа единствените кои не подржуваат од некакви сентиментални вредности кои на Запад очигледно го немаат кон нас.
Храната сепак не се менува
И на крај мора да завршиме со еден единствен стереотип за Полска. Без разлика што нивните ресторани по луксуз хигиена и убавина се далеку пред нашите (и без разлика што има интернационална храна на секој чекор) вкусот на нивната традиционална кујна е се уште неприфатлив за нас.
Месо со киселкаст вкус кое обавезно се служи во комбинација со џем или мармалад од јагоди едноставно за просечниот Македонец и во 2025 година продолжува да биде неприфатливо.
Па така во Полски национален ресторан ние можеме да го конзумираме само овошјето и зеленчукот и тоа во чиста форма.
Значи и покрај сиот сјај и раскош и ден денес останува еден стереотип кој ни е пренесен уште од времето на нашите баби и дедовци.