Европа секогаш била и ќе биде проект на мирот, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“. „Но, ние треба да сме силни за да го одржиме мирот. Планот „Подготвеност 2030 година“ има поширок опсег што ги разгледува различните димензии на безбедносните и мировните инструменти. Тоа е главниот пристап“, вели Фон дер Лајен. Таа додава дека станува збор за план за масовни инвестиции во иновации, истражување, развој и иновативни стартапи. „Италија, исто така, ќе има голема корист од овој план бидејќи има една многу реномирана и силна индустриска база во областа на одбраната“, посочува Фон дер Лејен. Таа нагласува дека планот е една програма за инвестиции која ќе го зголеми просперитетот и од која корист ќе има италијанската економија и италијанското општество, но и инфраструктурата во служба на народот, како на пример болниците.
Во интервјуто, претседателката на ЕК исто така рече дека САД сè уште се доверлив сојузник„САД се наш партнер и сојузник веќе 75 години, и јас сум убедена дека оваа врска ќе остане. Имаме различни ставови за специфични прашања, како што е трговијата, но имаме и заеднички вредности и силни заеднички интереси. Верувам во конструктивен дијалог и тие работат напорно за тоа“, нагласува Фон дер Лајен. Во врска со одличните односи меѓу Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони, Фон дер Лајен вели: „Добро ја познавам Џорџа Мелони како еден силен и страствен лидер, со една многу важна улога на европско ниво. И позитивно е што таа има директни односи со Трамп. Колку повеќе врски има меѓу двата брега на Атлантикот, толку подобро е тоа“.