Седумдесет и петтото издание на фестивалот Санремо го достигна еден од најочекуваните моменти – вечерта на преработките. На сцената на Театарот Аристон, младата италијанска ѕвезда Оли изведе своја верзија на песната „Il Pescatore“ од легендарниот Фабрицио Де Андре. Како специјален гостин на овој настап се појави Горан Бреговиќ, заедно со неговиот „Оркестар за свадби и погреби“. Оваа несекојдневна соработка ги спои италијанската музика и балканскиот ритам во едно несекојдневно музичко искуство, пишува „РТС“. Федерико Оливиери, познат под уметничкото име Оли, редовно ја изведува песната „Il Pescatore“ на своите концерти, како омаж на големиот Де Андре, а на Санремо реши да ја отпее со нов аранжман и енергична сценска изведба.

Бреговиќ, човекот кој ја направи балканската музика глобален феномен, ја збогати изведбата со својот препознатлив стил. Неговиот „Оркестар за свадби и погреби“, кој ги комбинира словенските, ромските и православните музички традиции со елементи на рок и електронска музика, донесе нова димензија на настапот. Оли и Бреговиќ настапија како 19. по ред, околу полноќ, но приемот од страна на публиката беше поделен. Иако сценскиот настап беше енергичен, дел од љубителите на Де Андре не ја прифатија оваа верзија како достојна на оригиналот.
Да потсетиме, италијанската публика одамна е запознаена со Бреговиќ, кој често настапува во оваа земја и важи за еден од омилените балкански музичари во регионот.