Списанието „Тајм аут“ го прогласи сендвичот со шунка и путер од парискиот ресторан „Пети Вандом“ за најдобар сендвич во светот.
„Леб, путер и шунка – тоа е рецептот за најдобриот сендвич на светот“, наведува ова англиско списание.
Жителите на Париз речиси секојдневно уживаат во сендвичи – како брз оброк пред да се вратат на работа или како лесна закуска за пикник во паркот. Сендвичот од „Пети Вандом“ списанието го опишува како „вистинско уметничко дело“, а интересно е дека ресторанот продава околу стотина сендвичи со шунка и путер секој ден. Еден од редовните купувачи вели дека сендвичот не само што има одличен вкус, туку и „е музика за ушите“, особено кога ќе се загризе во крцкавиот леб што „се слуша како пука“.
„Пети Вандом“ е типичен париски ресторан, кој „Тајм аут“ го опишува како „пекол за веганите, а рај за љубителите на месо“.
„Затоа доаѓаме тука. Нашиот фокус е на локалните производи. Тоа се темелите на добрата кујна: едноставност, вкус, квалитет и пријатна атмосфера“, вели еден од гостите.
Директорот на ресторанот, Лионел Малие, во разговор за телевизијата БФМ го открива рецептот за нивниот прочуен сендвич.
„Путер, обилен, од врв до дно. А шунката? Секогаш свежо исечена. Подготовката е едноставна, но… не секој може да ја постигне оваа совршеност“, се пошегува тој додека го подготвува прочуениот деликатес.
Ако сакате да го вкусите „најдобриот сендвич во светот“, според списанието, ќе треба да издвоите само шест евра во „Пети Вандом“ – симболична сума за да ги почувствувате вкусот и магијата на Париз.