Во дигиталната судница во затворот „Идризово“ во Скопје денеска започна судењето за предметот „Адитив“, со 37 обвинети. Ова е прво судење во дигиталната судница.

Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Меѓу обвинетите за овој случај се и двајца поранешни директори на државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој сè уште е во бегство и неговиот наследник Васко Стефанов. Ковачевски е обвинет за несовесно работење во службата, за неколку кривични дела се товарат Стефанов, како и ексдиректорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.

Тие во период од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење на кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Браинкоде“ која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,4 милиони евра.


Меѓу новите осомничени во случајот е претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
