При бетонирање на нова, се сруши ѕид на постојна зграда во Ѓорче Петров! Жители на Ѓорче Петров до редакцијата на Инфомакс и до останатите медиуми испратија фотографии од скандалозниот настан кој се случи денеска. Градоначалникот засега молчи, а со реакција не излезе ниту еден надлежен орган.





Денешниот скандалозен инцидент во Ѓорче Петров, каде при бетонирање на нова станбена зграда буквално се сруши ѕид на постојна, населена зграда, при што бетон се изли во внатрешноста – е уште една директна потврда за урбанистичкото безумие и институционалната немост што секојдневно го загрозува животот на граѓаните, реагираат од политичката партија Левица.
– Молкот во текот на целиот ден од страна на градоначалникот Александар Стојкоски, како и не појавувањето на местото на инцидентот на неговиот тим и градежниот инспекторат, ја покажуваат целосната слабост во спречувањето на урбаното дивеење кое во овој случај можеше да заврши фатално за станарите од оштетената зграда! Одговорноста за оваа катастрофална негрижа не е само на изведувачот ЕУРОВИА (фирма донатор на ДУИ, позната по скорешниор скандал со зацементирани цевки и фекално загадување во Центар), туку пред сè, на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски. Овој инцидент е логичен резултат на систематското уништување на урбаната средина преку продажба на секој слободен квадратен метар на профитерските градежни картели.
Неспособниот и сервилен општински градежен инспекторат, кој упорно одбива да постапува и по службена должност и по барања на жителите, е директен соучесник во овие напади врз урбаното ткиво на Ѓорче. Молчеливиот надзор и игнорирањето на очигледни прекршувања ги охрабруваат изведувачите да работат без имотно-правна чистота, без минимални стандарди за безбедност – како на работниците, така и на жителите. И не е прв пат да се загрози безбедноста на граѓаните на оваа локација! Потсетуваме дека за оваа градба веќе еднаш Левица алармираше за оставена длабока и незаштитена дупка на тротоарот, која беше санирана дури по наша јавна реакција и притисок, а беше сериозно ризична по животот на минувачите.
Граѓаните на Ѓорче Петров не смеат да бидат колатерална штета во профитерските зделки меѓу Стојкоски, урбаната мафија и политичките спонзори на ДУИ. Апелираме до градежниот инспектор во општината да престане да служи како параван за дивеење и конечно да излезе на терен! Не за шетање со раце во џебови, туку со професионален став, храброст и одговорност – од градилиште до градилиште! Апелираме и до надлежните да истражат за тоа со какви материјали и под какви стандарди се градат станбените згради бидејќи очигледно е дека се користат неквалитетни материјали, се крати од материјалите, има пристап на несовесна изведба и целосно отсуство на технички надзор. Ова мора да се утврди навремено за да нема фатални последици. На надлежноте треба да им е јасно дека градежната мафија гради за профит, а не за живот, и тие мораат да се будни за да се спречат катастрофи поради преголемиот и дозволен апетит на инвеститорите. – велат од Левица. Во продолжение видеото кое го испрати наш гледач: