Верниците вечерва се собраа пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, но и во другите храмови на Македонската православна црква каде на полноќ ја слушнаа радосната вест за Христовото воскресение.
Најголемиот христијански празник – Велигден, оваа година и православните и католичките верници го слават на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во неговото велигденско послание беше спомената и трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а 200 се повредени се најде и во Велигденското послание г.г. Стефан.
-Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност. И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели – вели во посланието г.г. Стефан.
Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос по неговата смрт со распнување околу 27-33 година од н.е. Тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, сметајќи го и денот на смртта т.е. првиот ден, недела по Велики петок. Сите христијани на тој ден се поздравуваат со поздравот: „Христос воскресна“ на што се одговара: „Навистина воскресна“. Според обичаите на овој празник се вапцуваат јајца и тоа на Велики четврток.