Договор е склучен со фирмата ТСГ „Индустри сервице“ ДОО од Скопје, а покрај испитувањето на преминот, компанијата треба да изработи и план за евентуална санација на челичниот мост. Колку тоа би чинело не може да се претпостави, но само за анализата Општината ќе плати 400.000 денари со ДДВ. На една од најоспоруваните градби меѓу граѓаните, преминот „Влајко,“ ќе се вршат инженерските анализи, односно со разни методи ќе се врши проверка на напрегања и деформации. Општина Карпош на јавен повик избра и фирма што ќе ја спроведе анализата. Станува збор за ТСГ „Индустри сервице“ ДОО од Скопје, а меѓу другите обврски на ангажираната компанија ќе биде и изработка на план за евентуална санација на челичниот мост. Колку тоа би чинело не може да се претпостави, но само за анализата Општината ќе плати 400.000 денари со ДДВ, а почетокот на овие испитувања, како што најавија од Карпош, е предвидено да започне во некој од наредните денови.

Скопјани во изминатите години постојано укажуваа дека за изградба на преминот џабе се потрошени пари затоа што не ѝ служи за намената за која е изграден – безбедно минување преку булеварот Партизански одреди, особено за учениците. Граѓаните алармираа и за состојбата во која се наоѓа. Екипа на „Слободен печат“ беше на оваа локација каде што е забележливо дека преминот е токму во таква состојба како што посочуваат граѓаните. Покрај тоа што речиси целата надворешна обвивка на мостот е исчкртана со графити, цртежи и текстови со недолична содржина, техничкиот дел на овој мост е целосно запрен. Од поставените два лифта за превоз на оние што не можат да одат по скали до горниот дел, ниту еден не е во работна состојба. Тие се зад метална ограда и под катанец, секојдневно собирајќи прашина и отпад.

Понатаму, на двете страни од овој премин се поставени и ескалаторни скали, автоматизирани за полесно придвижување на пешаците нагоре, но тие исто така не работат, а очигледно надлежните воопшто не ги пуштиле долго време, земајќи предвид дека на нив се заглавени отпушоци од цигари, ѓубре, а одредени делови се и ‘рѓосани. Страничниот дел на ескалаторите, пак, е во уште полоша состојба, уништен, скапан и на одредени делови искршен, а острите стакла се расфрлани насекаде околу ескалаторите. Качувајќи се по скалите, забележавме дека во горниот дел се сместени и неколку тоалети, кои беа заклучени и недостапни за јавно користење, но и доколку беа отворени, ретко кој би ги користел бидејќи вратите за влез во тоалетите се искршени до пола, одземајќи ја приватноста на оние што би ги користеле.

Целокупната слика за мостот е жална и загрижувачка, а во периодот додека нашата екипа беше на мостот, бројот на луѓе што го користеа ова место како премин беше незначителен. Повеќето луѓе, ученици и повозрасни граѓани преферираа да го почекаат зеленото светло од семафорот за да поминат преку булеварот, одбегнувајќи го овој премин. На објавата од Општината за ангажирање инженерска екипа што ќе врши инспекција и санација на „Влајко“ реагираа десетици граѓани. – А да си го тргнеш не е подобро? Никаква корист од надвозникот што ти го постави. Само си стави во џепче паричка и толку. Јас живеам таму 58 години, немам видено дека лифтовите работат, а уште помалку дека некој ги користи. Чиста утка. Тргнете ја оваа грдосија и ставете обичен отворен надвозник, а не вака да ти е страв да поминеш од наркомани и пијаници – вели жител во реакцијата упатена кон градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Преминот „Влајко“, кого граѓаните го нарекуваат „непотребна грдосија“, по четиригодишна изградба беше пуштен во употреба пред речиси 2 децении, во 2006 година. Оттогаш досега се чини дека тој е вечна „главоболка“ за општинските власти. Неговата изградба „ја олесни“ Општина Карпош за 900 илјади евра, а дополнително во 2010 година на преминот беа поставени и лифтови, кои заедно со монтажата беа донација од УСАИД, и ескалатори со надеж дека преминот ќе заживее. Сепак, тоа не се случи и „Влајко“, иако на него беа изградени 16 дуќани, подолго време стоеше празен. Според првичните планови, на ова место требало да се изгради подземен премин, но неговата изведба беше невозможна бидејќи на средина на булеварот Партизански одреди поминува главниот цевковод преку кој Скопје се снабдува со вода од изворот Рашче. Затоа, како единствено решение остана изградба на надвозник, за кој се потрошија многу пари, речиси еден милион евра, а никогаш не профункционира целосно, како што се очекуваше. – Џабе толку пари, преминот беше направен за сигурност на децата, но деца оттаму не поминуваат. Лифтовите еднаш ги немам видено како работат, какви анализи, направете обичен надвозник, сигурен за поминување на пешаците – реагира жител на објавата на Општината дека е склучен договор со компанија за инспекција, анализи и план за санација на преминот „Влајко“.

Општина Карпош неколкупати направи обид да ги продаде деловните простории изградени на мостот, но не успеа во тоа затоа што за нив немаше имотни листови. Состојбата не се промени и откако се реши проблемот со имотните листови. Во дел од деловните објекти беше отворен клуб за млади, а во 2018 година со одлука на Советот две деловни простории на преминот му беа дадени за користење без надоместок на Здружение на пензионери од Карпош. Градоначалникот Јакимовски дури најавуваше дека има фирма што е заинтересирана да го купи целиот надвозник, но ни тоа не се случи.

Според моменталната состојба, од аспект на хигиена, безбедност и функционалност, на овој премин му е потребно посебно внимание од општината, кој пред почетокот на неговата изградба оттаму го најавија како проект започнат по идеја и иницијатива на жителите на населба Влае да се изгради премин преку кој учениците ќе минуваат безбедно, без да чекаат семафор или да минуваат преку главниот булевар. За жал, преминот е изграден, но основната функција за користење од страна на ученици веќе долго време не е како по планот.