Пациентите што чекаат да земат инсулин и да направат преглед во поликлиниката „Букурешт“ раководена од Здравствен дом Скопје, со часови чекаа во редици утринава, зашто неколку дена нема интернет. Директорот на Здравствен дом Скопје Самир Исени вели дека имало дефект од страна на операторот со кој имале склучено договор за интернет и не знае кога ќе се реши. Поради немањето интернет, неколку денови дијабетичарите не можеа да земат инсулин од инсулинската аптека. Од денеска инсулин се издава, ама со рачно внесување на податоците на пациентите, па се чекаше и до 2 часа. Ова предизвикува револт кај пациентите кои коментираат дека секогаш по нешто недостасува за нив – или самиот инсулин, или интернет, или пумпи, или игли за мерење шеќер. Деновиве освен пациентите на Здравствен дом Скопје, револтирани се и самите вработени. Нов распишан тендер за софтвер во Здравствен дом-Скопје е причината поради која вработените во оваа јавно-здравствена установа со која директорува Самир Исени, се во голем хаос и проблеми. Претседателот на независниот синдикат на здравствени работници Боби Бојчевски за „Слободен печат“ изјави дека поради тоа што директорот на Здравствен дом Скопје решил да го заменува софтверот во установата – тоа довело до административен башибозук на кој жртви се сите.
-Поради заменувањето на софтверот, не е исплатено мартовското покачување на платата како што беше предвидено. Имаме членови на синдикатот кои имаат хипотекарни кредити за станови, но веќе 2 месеци не се пуштени пари кон банките иако тие им се одбиени од платите. Нашите членови што со синдикални потврди зеле производи од продавници со кои Синдикатот има склучено договор – мебел, бела техника – исто така два месеци не им се одвоени ратите и не се исплатени кон продавниците. Наместо да се работи на стариот софтвер кој е тука во Здравствен дом со години и вработените знаат да го работат, а потоа кога ќе пристигне новиот да бидат обучени сметководителите, се случува обратното: прво го вадат целосно стариот софтвер, а новиот не знаеме каде е. Ова доведе до хаос во платниот промет на Здравствен дом Скопје, ни рече Бојчевски.