Од денес, кога ќе кажеме ,,одиме во кино”, тоа значи дека одиме во Кисела Вода!
Ова за мене е историски момент! После 35 години повторно мојот народ ќе ужива во кино проекции!
Денес, заеднички со вас, го започнуваме новото поглавје на овој културен дом.
Со нов дух и нова енергија, ги отвораме вратите на она што започна како визија на поранешната, сега за жал покојна градоначалничка Билјана Беличанец.
Ова беше нејзиниот сон кој успеавме да го оствариме.
Во изминативе две години јас и мојот тим сме силно насочени кон повторното издигнување на културниот живот во нашата општина.
Со бројни проекти, го олеснивме пристапот на граѓаните до културните сцени и збиднувања, давајќи им можност и на уметниците за експресија на нивниот креативен потенцијал.
Културата мора да биде достапна.
Оттука во фокусот на моето делување како градоначалник е овозможувањето на непосреден пристап на граѓаните до културни манифестации, претстави, изложби и настани, кои се организираат во близина на нивниот дом, во нивното соседство.
Возобновувањето на домот на култура ,,Билјана Беличанец” и отворањето на кино во Кисела Вода после 35 години се вистинска илустрација за олеснувањето на патот до културната сцена, но и за создавањето на нови платформи за уметниците каде што ќе можат да го споделат својот уметнички израз.
Тие за себе добиваат нова сцена, нов дом каде што ќе можат да ја оживуваат магијата на културата.
Покрај кино салата и проекциите на најновите светски достигнувања од филмскиот свет, во домот на културата ,,Билјана Беличанец” ќе можат да се гледаат и театарски претстави, уметнички изложби, концерти, а наскоро тука ќе функционира и библиотека со богат библиотечен фонд.
Секако, следејќи ја стратегијата за рамномерен развој на сите населби и населени места во општината, во периодот што е пред нас, ќе овозможиме слични културни содржини и во Домот на култура во Драчево, кој исто така беше обновен.
Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои заедно со мене неуморно и посветено работеа за денешниот ден да биде возможен.
Посебно ми е драго што договоривме соработка со Киноверзум, кои во изминатиот период се етаблираа како силен столб помеѓу македонската културна сцена и светската филмска индустрија.
Oва е значаен момент не само за нас како жители на Кисела Вода, туку и за целата културна сцена во нашиот град.
И искрено и од срце се надевам дека кога ќе се каже ,,одиме на кино”, првата перцепција и мисла на секого ќе биде киното во Кисела Вода. А вечерва заеднички го правиме првиот чекор!
Ви благодарам!