Министерството за образование и наука ги реализираше сите капитални инвестиции кои согласно инвестицискиот план требаше да се заокружат во 2022 година. Подобрени услови за настава добија голем број ученици од сите региони во државата, затоа што министерството поддржува и спроведува политики на подеднаков третман и вложување во сите општини, рурални и урбани средини каде има потреба од интервенција во интерес на поквалитетна настава за учениците и услови за работа на наставниците.
Нови училишта добија учениците од Долна Лешница во општина Желино, како и од Долно Блаце во општина Чучер Сандево каде всушност беше решен повеќедецениски проблем. До неодамна, учениците од ова населено место каде воопшто не постоеше училишен објект, посетуваа настава во најблиското училиште, преминувајќи ја границата со Косово.
Речиси готова е изградбата на дополнителни простории, односно крило во склоп на основното училиште „Тихомир Милошевски“ с. Волково во општина Ѓорче Петров, како и изградбата на крило во рамки на основното училиште „Димитар Беровски“ во населбата Хром. Во општина Ѓорче, министерството го реконструираше и централниот објект на ОУ „Димитар Беровски“, кој доби нова фасада, внатрешна столарија, нови тоалети, како и тоалет за ученици со посебни потреби.
Значително подобрени се и условите во неколку училишта во Куманово, односно реконструирани се објектите на ОУ „Карпош“ во Умин дол и Љубодраг, како и објектот на средното „Перо Наков“. Наскоро ќе заврши обновата на фасата на ОУ „11 Октомври“, а следната година се планира изградба нов објект за гимназијата „Сами Фрашери“, како и реконструкција на кровот во основните „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“.
Крупни инвестиции се реализирани и во општина Кавадарци и тоа во објектите на ОУ „Страшо Пинџур“ во градот и во село Возарци, објектот на основното „Димката Ангелов Габерот“ и средните „Таки Даскало“ и „Киро Спанџов Брко“.Во пелагонискиот регион, нова фасада и подови добија прилепските средни училишта „Орде Чопела“ и „Ѓорче Петров“,основното „Блаже Конески“, битолските основни „Коле Канински“ и „Александар Турунџев“ во Кукуречани, но и средното „Д-р Јован Калаузи“.
Во меѓувреме, се реконструираше фасадата на ОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар, како и внатрешноста и санитарните јазли во ОУ „Фаик Коница“ во гостиварско Дебреше. На почетокот на 2023 година ќе заврши и реконструкцијата на ОУ „Перпарими“ во Чегране. Значително се модернизираше и објектот на основното „Браќа Миладиновци“ во Струга, како и училиштето во струшко Враништа.
Целосно е реконструирано ОУ „Сандо Масев“ во струмичкото село Баница. Наскоро ОУ „Гоце Делчев“ во стумичко Вељуска ќе стане енергетски ефикасно, градежните активности се во тек. Фасадата и санитарните јазли се реконстрирани и во кочанските училишта „Никола Карев“ и Ристо Јуруков и липковското „Дитурија“, а нов надворешен изглед има и скопското „Кузман Јосифовски Питу“ во општина Кисела Вода.
Целосно се реконструира ОУ „Сабедин Бајрами“ во Камењане во општина Боговиње, а нов кров и фасада на почеток на 2023 ќе добие ОУ „Јашар Беј“ во Чаир и „Дитурија“ во Сарај.Инвестициски активности се реализираа и во дел од училиштата во Велес, Радовиш, Ранковце, Штип, Бутел, Новаци, Крушево, Јегуновце, Теарце, Валандово, Ресен, Студеничани и Македонски брод.Шест училишни спортски сали се целосно изградени, опремени и пуштени во употреба годинава, а отпочната е изградбата на сала и во рамки на основното училиште „Нури Мазари“ во струшко Делогожди.
Од покрупните градежни активности започнати годинава, кои според очекувањата ќе се заокружат во 2023, ги издвојуваме изградбата на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, новото основно училиште во скопско Визбегово и надградбата на музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица. Дополнително, како дел од планот за унапредување на квалитетот на средното стручно образование и подигнување на неговата атрактивност, имајќи ги предвид потребите од соодветен стручен кадар на стопанството и македонската економија, потсетуваме дека во тек е реконструкција на два регионални центри за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ во Охрид и „Киро Бурназ“ во Куманово.
Сите ученици и наставници заслужуваат современ и модерен образовен процес, кој подразбира не само подобрување на наставните планови и програми, туку и подобрување на условите во кои се изведува наставата. Инвестициите во образованието продолжуваат и следната година, во која се предвидени околу 1,2 милијарди денари за образовната инфраструктура.
Министерство за образование и наука