„Гуш и бац е љубов“, е настан кој по шести пат вчера се одржа на Школка во Градски парк. како што велат организаторите, здружението „Аутизам ААМК“, настанот бил прослава на детската љубопитност, пријателство и инклузија. Стотици деца од различни возрасти и развојни карактеристики учествувале во низа едукативни, креативни и забавни активности што придонесоа за развој на емпатија, разбирање и прифаќање. Настанот прераснал во инклузивна игротека каде преку игра, музика, уметност и едукативни работилници, децата имале можност да учат едни за други и да развиваат чувство на заедништво.
„Концептот бешее дечињата да си дојдат, да има за сечиј интерес по нешто, да се изнаиграме, да се дружиме, добија печатчиња и на крајот ги израдуваме со мали подарочиња за спомен. Заедничкото учество во креативни активности покажа дека различностите не се пречка, туку богатство што треба да се слави. Од активности имаше креативно катче, забно катче, шминки и фризури, вежбање карате, шах, играње „Не лути се човече“, ликовно катче, полигон, сложувалки, фитнес, играње со алки, музичко катче, фудбал, домино, играње плочка, куглање, играње со топки, со лак и стрела, прескоци, тенис, кошарка, пантомима, магични залчиња“, вели Денис Јанкуловски, претседател на здружението. Одзивот од повеќе од 100 волонтери на настанот, сведочи за силната поддршка од заедницата и довербата во мисијата на Здружението „Аутизам ААМК“, додаваат оттаму.
„Овие волонтери се амбасадори на инклузијата и клучен ресурс за идни активности, покажувајќи дека постои подготвеност за ширење на инклузивната култура во општеството. Нивната ангажираност го потврдува потенцијалот за организирање на уште поголеми и повлијателни настани. Волонтерите беа составени од индивидуалци, експерти и дефектолози, психолози и припадници на Црвениот крст. Меѓу волонтерите имаше и фотографи и сниматели кои веќе изработуваат видео кое ќе ја долови вистинската вредност на настанот, организаторите со радост и нетрпение исчекуваат да го споделат со бескрајна благодарност до креаторите“, велат во здружението. Настанот „Гуш и бац е љубов“ се проширува, со учество на фестивали во Прилеп и Крушево во 2024 година, покажувајќи дека инклузијата може и треба да се шири низ целата земја. Во наредните години, стратегијата вклучува градење едукативна платформа, посилни партнерства со институции и трансформирање на настанот во мултидневен фестивал на инклузија. Вмрежувањето со здруженија од регионот дополнително ќе го зацврсти влијанието и ќе ја прошири пораката за прифаќање и заедништво на пошироко ниво. Извор: Новинска агенција МЕТА