
Во режија на Дејан Пројковски, шоуто се случуваше во Македонскиот народен театар, простор што, со својата тежина и симболика, очигледно придонесе актерите да се чувствуваат „свои на своето“. Тоа се почувствува во секој нивен настап – сигурни, слободни и полни со живот.
Настанот, инспириран од култниот филм „Сестри во акција“ (Sister Act), донесе мешавина од театар, мјузикл и музика од 80-тите и 90-тите години, со современ дух и младешка енергија. На сцената настапија претежно млади актери, кои покажаа зрелост, харизма и талент, снаоѓајќи се одлично со комплексната форма на музичко-сценската изведба.

Врв на вечерта беше женскиот хор составен од Славици-лавици, кои со доза хумор, глума и сценски шарм ги придружуваа речиси сите изведувачи. Под диригентската палка на Билјана Драгичевиќ Пројковска, хорот беше симпатична слика на жените денес, а Пројковска, како и секогаш, одлична во својата улога – прецизна, харизматична и инспиративна.

Впечатливи настапи имаа сите актери, меѓу кои групата „Роки 4“, Весна Петрушевска, Игор Ангелов, Нина Елзесер, Емилија Мицевска, Нина Деан, Маја Андовска Илијевски, Трајанка Илиева Вељиќ… и сите други што го дадоа својот максимум, а публиката ги награди со бурен аплауз.