Филмскиот фестивал во Берлин го доби својот голем победник – норвешкиот филм „Соништа“ („Drømmer“) на режисерот Даг Јохан Хаугеруд ја освои статуерката „Златна мечка“ за најдобар филм, пренесе „Еуроњуз“. Филмот ја раскажува емотивната приказна за 17-годишна тинејџерка која се заљубува во својот наставник, што ја инспирира да напише исповедна книга за своето искуство. Оваа нежна и чувствителна квир приказна за созревањето е воедно и завршниот дел од трилогијата на Хаугеруд, која започна на минатогодишниот фестивал Берлинале. „Ова беше над сите мои соништа“, изјави Хаугеруд примајќи ја наградата, додавајќи: „Пишувајте повеќе, читајте повеќе – тоа го проширува умот и е добро за вас“.

Наградата „Сребрена мечка“ за Големата награда на жирито му припадна на бразилскиот филм „Сината патека“ („O último azul“) на режисерот Габриел Маскаро. Филмот обработува дистописка визија за блиска иднина во која постарите лица се присилно пензионирани и преселени во изолирани домови, за да се ослободи простор за помладите генерации. „Никогаш не е доцна да се најде ново значење во животот“, рече Маскаро, додавајќи дека неговиот филм претставува и критика на политиките на раселување и третманот на постарите лица во општеството. Романскиот режисер Раду Жуде, познат по своите социјални и политички критики, ја освои Сребрената Мечка за најдобро сценарио за „Континентал ’25“ („Kontinental ’25“), кој ја обработува дехуманизацијата во современото техно-капиталистичко општество.
Примајќи ја наградата, Жуде ја посвети на легендарниот режисер Луис Буњуел и испрати порака за актуелните политички случувања: „Се надевам дека следната година фестивалот нема да се отвори со ‘Триумф на волјата’ на Лени Рифенштал!“, алудирајќи на загрижувачкиот пораст на крајно десничарската партија АФД во Германија, во пресрет на претстојните избори.