Невидена семејна трагедија се случи попладнево на стариот магистрален пат Солун-Верија, кога автомобил се судри со камион, при што загинаа татко и неговиот малолетен син.
Несреќата се случи кратко по 16 часот, кога патничкиот автомобил во кој патуваше четиричлено семејство се судри – под сè уште неразјаснети околности – со камион, на делницата помеѓу Халкидони и Лудија.
Во жестокиот судир животот го загубија 44-годишниот возач на возилото и неговиот 13-годишен син. Во автомобилот, кој се претвори во безлична метална маса, биле и 43-годишната сопруга на возачот и нивниот 9-годишен син – како што е забележано на фотографиите објавени од protothema.gr.
Двајцата повредени биле пренесени со амбулантно возило на ЕКАБ во болницата „Гениматас“ во Солун, каде што се лекуваат.
– Возачот на камионот не е повреден во несреќата. Станува збор за 34-годишен маж по потекло од Северна Македонија, кој бил уапсен по несреќата, објави Прототема.
Во меѓувреме, според близок роднина на семејството, двојката со своите деца го посетила Солун на патување и шопинг и се враќала во село во Пела каде што живееле кога се случила несреќата.
Како што спомена тој, од моментот кога дознале што се случило, сите биле во состојба на шок, додека останува непознато како точно се случил фаталниот судир.
Сообраќајната полиција во Халкидони спроведува прелиминарна истрага за несреќата.