Иако во Скопје има повеќе кружни текови, изградени среде главни булевари и на нив кружат градски автобуси, ниту еден од нив нема автобуски постојки во внатрешниот дел, тие се наоѓаат или пред влезот во кружниот тек, или по излегувањето од него, освен на кружниот тек во Кисела Вода на последна 24-ка. Неколку години по изградбата на кружниот тек на местото познато како „последна 24-ка“ во општина Кисела Вода, тој денеска служи и како почетна и последна постојка на неколку автобуски линии, секојдневно правејќи метеж во текот на работните часови. Колку и да е за неверување во кружниот тек се лоцирани две автобуски постојки, нешто што веројатно не може да се сретне никаде, освен во Скопје.

Кружниот тек е поставен на улицата Христо Татарчев и е еден од поголемите во градот, со дијаметар од 36 метри, две сообраќајни ленти и пешачка патека, а со неговата изградба, според жителите, навистина се олеснил сообраќајот во оваа област, бидејќи од другата страна тој исто така се спојува и со булеварот Србија. Иако во Скопје има повеќе кружни текови со оваа големина и дијаметар, изградени среде главни булевари и на нив кружат градски автобуси, ниту еден од нив нема автобуски постојки во внатрешниот дел, тие се наоѓаат или пред влезот во кружниот тек, или по излегувањето од него, освен на кружниот тек во Кисела Вода. Поставувањето на овој сообраќаен тек беше во планот на Град Скопје заедно со проширувањето на булеварот Србија, кое започна во 2017-та година. Тогаш, градоначалникот Коце Трајановски ја најави неговата како исклучително важен капитален проект, вреден 98 милиони денари, или околу 1.6 милиони евра.

Но, никој од надлежните не соопшти дека во него ќе се постават и автобуски постојки. Покрај тоа, поради околните маркети, дел од скопјани ја користат надворешната лента и како паркинг „за до продавница“ и го оставаат својот автомобил среде кружниот тек, занемарувајќи го фактот што тоа им пречи на останатите возила – учесници во сообраќајот. Дополнително, поставувањето на двете автобуски постојки ги насочува автобусите исто така во надворешната лента од кружниот тек, а земајќи ја предвид нивната големина и ширина, самото нивно застанување ја ограничува, а на моменти и целосно ја прекинува функционалноста и движението по овој тек. Екипата на „Слободен печат“ отиде на терен, каде затекна ситуација идентична како онаа која претходно ни ја објаснија и на која се пожалија жителите. Забележавме паркирани автомобили на кружниот тек, оставени „со четири“ трепкачи за набрзина да купат нешто од продавница, со што во целост ја блокираат надворешната лента додека си ги купуваат потребните намирници.

Не само на надворешната лента од улицата, туку секој ден има луѓе кои ги паркираат своите автомобили во внатрешната лента, на островчињата и на пешачките премини, се случува вистински хаос- вели жител на Кисела Вода за „Слободен печат“. Според него, на автобуската постојка која води кон населбата Припор првично биле поставени црвени гумени столпчиња, но според приложеното нивната функција за заштита на пешаците и одделување на улицата од тротарот била навистина краткотрајна бидејќи денес тие се откорнати и на ова место од кружниот тек директно и преку тротоарот се влегува на паркингот кој е наменет за потрошувачи на маркетот.

Автобуската постојка, која е лоцирана на страната од текот која води кон улицата Христо Татарчев, а воедно е и почетна постојка на автобусот број 24, е налик на сите останати автобуски постојки во градот, има конструкција, клупа и корпа за отпадоци. Втората постојка, пак, поставена во насока кон населбата Припор, е тотално импровизирана, без никаква ознака или конструкција, а учениците кои ги затекнавме како го чекаат својот автобус, седеа на бетонскa плоча со шахта, веројатно заборавена од градежниците, која својата улога ја нашла како место на кое луѓето седат и го чекаат својот автобус.

Оттука, како што возачите го поминуваат кружниот тек и продолжуваат да возат нагоре кон Припор, двете ленти од кружниот тек се спојуваат во една лента со која продолжува улицата Христо Татарчев, па со застанувањето на автобусот среде кружен тек, возилата зад него треба да ги почекаат патниците кои треба да влезат во автобусот, а воедно и оние кои излегуваат од него, што создава метеж на улицата, а нетрпеливите пак, со нагли маневри го заобиколуваат автобусот и ја „сечат“ лентата со цел да излезат од „кругот“ и да продолжат со возење кон својата дестинација. Почекавме, и за кратко време пристигна автобусот со број 24, кој застана на кружниот тек, направи блокада на сообраќајната лента од 30-тина секунди, патниците се качија во него и потоа тој продолжи нагоре, по што се ослободи лентата и сообраќајот повторно се врати во нормален ред.
Испративме прашања до Општина Кисела Вода и до ЈСП „Скопје“ околу одлуката за поставување на овие автобуски станици, зошто едната од нив е означена и личи на автобуска станица, а другата е сосема спротивно, без знаци или конструкција и дали овие автобуски станици се привремени дури трае асфалтирањето на улицата Христо Татарчев, но за жал не добивме одговор ниту од Општината, ниту од градското претпријатие. Со оглед на фактот дека улицата Христо Татарчев е под надлежност за Град Скопје, а нејзиното асфалтирање е одложувано со месеци и работата е постојано на „пола пат“, доколку од Градот реагираат со исто темпо за овој проблем, возачите уште долго ќе се соочуваат со метежот од паркираните автомобили и застанувањето на автобусите, а жителите ќе продолжат да го чекаат својот автобус на ладните бетонски плочи.